(ВИДЕО) Станковиќ: Обвинителството да утврди од каде и се на Станисављева милионите за влез во МПМ

0
1255

Вработените во МПМ поради сериозните индиции за испумпување на големи суми на пари од фирмата како и намерното носење на МПМ во стечај бараат од Јавниот обвинител, УЈП, Трудова инспекција и Финансиската полиција детално да го истражат работењето на МПМ и трансакциите кои се спроведувале во фирмата, пренесува А1он.

– Бараме од обвинителот да излезе и да провери дали Медиа Принт Македонија свесно се турка во стечај, дали ова беше преодна фаза од нешто што се нарекува ослободување од вишокот луѓе, вели претседателот на синдикатот на Утрински весник, Љубиша Станковиќ.

Поминаа 48 часа откако беше објавен износот на платата на директорката на МПМ, Јана Станисављева која се уште ја нема демантирано оваа информација па според тоа за јавноста и вработените во МПМ останува да веруваат дека директорката примала месечна плата од 25 000 евра.

-Бараме да се отвори пред истражна постапка бидејќи станува симптоматична платата од 25 илјади евра во време кога 120 наши колеги остануваат на улица и во време кога се збори за лоша финансиска состојба, рече Станковиќ.

Како што изјави тој, на државниот обвинител и неговите подредени останува да утврдат дали преку разни договори и трансакции, од МПМ се испумпувани огромни суми на пари како и тоа од каде и се парите на директорката на МПМ, Јана Станисављева која дала влог од над милион евра за да стане третиот содружник во компанијата.

-Од Јавниот обвинител на Македонија, од Јавниот обвинител за организиран криминал и од скопската обвинителка очекуваме да утврдат од каде на госпоѓицата Јана Станисављева да влезе во МПМ со основачки влог од 1 милион и триста илјади евра и да стане третиот содружник во компанијата. Бараме не само од каде и се парите туку и потекло на истите со оглед на тоа дека Станисављева претходно била вработена во државна институција, вели Станковиќ.

Од сознанијата на вработените во МПМ, фирмата не само што не ги исплаќала месечните плати на новинарите, туку не биле подмирувани ниту давачките кон своите коминтенти.