(ВИДЕО) Спасовски: Државата мора да биде заштитена!

0
1133

Да не се залажуваме, денес не постои дел или делови од општеството кои не се предмет на закана. Токму таа премиса треба да биде основен постулат во градењето и надградбата на безбедносниот систем. Државата мора да биде заштитена. Се разбира не од граѓаните, туку во интерес на граѓаните кои се смисолот за постоење на државата, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на научно- стручната дебата „Функционирање на безбедносниот систем на Република Македонија во кризна и сложена безбедносна состојба-менаџирање и справување со кризи“ која се одржува на Скопски саем.

– Република Македонија, со својата местоположба, како и со јасно декларираните национални приоритети – целосна интеграција во евроатлантските структури – ниту била ниту ќе биде заобиколена од разните форми и видови безбедносни ризици. Впрочем, колку за илустрација, токму на денешниот ден пред 21 година бевме сведоци на еден од најгрозоморните терористички облици на делување – атентат врз претседателот на државата Киро Глигоров. Минатата година пак, мигранскиот бран, чие што жариште блискиот Исток, ни малку не дава надеж за скорешно гаснење, како и августовската трагедија во која природата за еден миг одзеде триесетина наши сограѓани, многу сериозно предупредуваат дека немаме право на опуштање или на потпирање на некакви други фактори или видови на помош.

Помошта можеби и ќе дојде, но најважно е времето пред нејзиното доаѓање: да се процени, да се предупреди, да се дејствува. Ние, според моето длабоко убедување, всушност мора да се фокусираме кон натамошна изградба на флексибилен, ефикасен, технички модернизиран концепт на безбедност на институционално ниво, способен првенствено за валидно евидентирање, анализа и проценување на заканите, како и на мултиинституционален систем за соодветен одговор кон истите. Притоа треба да се почитуваат автохтоните карактеристики и националните приоритети, но и нужноста за стандардизирање на сите сегменти од безбедносната сфера согласно со оние на нашите евро-атлантски партнери.

Можеби забележувате дека сето ова го говорам како задача што стои пред нас. Да, точно, а изминативе години доволно ислустративно го потврдуваат тоа – рече Спасовски.

https://www.youtube.com/watch?list=FLJp0XERYYDBqLHVrxtyDYBQ&v=4ZllPZa5b-o