(ВИДЕО) Распределба на социјалните станови во Прилеп по партиски клуч?

0
1491

стан прилепПродолжуваат реакциите на граѓани од Прилеп, кои аплицирале за социјални станови и чии семејства се чувствуваат обесправени, по објавување на конечната листа корисници.

Прилепчанецот Рубинчо Ристески (36) е еден од граѓаните кои се избришани од конечната листа корисници на социјалните станови во Прилеп, во категоријата – инвалидизирани лица.Како член на опозициона партија, се сомнева дека тоа е единствената причина, зошто неговото име е избришано, откако со 45 бодови бил рангиран на прелиминарната листа, при софтверски, електронски јавен избор на потенцијалните корисници. Се сомнева дека распределбата на станови е извршена по партиски клуч, за што вели, се шират гласишта во прилепската чаршија.

Рубинчо има четворочлено семејство и со две мали деца тешко обезбедува елементарни услови за живот. И тој и неговата сопруга се инвалиди со траен инвалидитет. Тој е електротехничар, а таа козметичар, но двајцата се без работа. Живеат со помошта што ја добиваат од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, во висина од 3.800 денари. Сместени се во 28 м2, поточно, во просторијата за дневен простор што ја користат неговите родители, кои пак имаат на располагање вкупно две соби од една куќа, во која живеат заедно со неговите чичковци и братучеди.

Без финансиската помош на родителите, тешко дека може некако да опстанат. Затоа, татко му заминал на времена работа во Црна Гора. Единствено мајка му е вработена и прави сé што може, за да им го олесни животот.

Овој млад човек се жали на болки во нозете при качување по скали, откако знае за себе. Всушност, тој вели дека е жртва на неисправна вакцинација против детска парализа, па наместо имунитет, се разболел, а болеста создала траен инвалидитет. По минатогодишната несреќа, кога си го скршил колкот, вели, движењето му е уште поотежнато, а болките почести.

Затоа и веста дека ќе се градат станови за социјални случаи, меѓу нив, и за инвалидизирани лица во Прилеп, му влеала надеж дека сепак, ќе дојде до сопствен дом, со адекватен пристап. Аплицирал и на голема радост на целото семејство, при јавниот електронски избор, тој бил четврти – на листата на деветте корисници на станови за оваа категорија граѓани.

Но, радоста кратко траела. На конечната листа корисници биле избришани, Рубинчо со 45 бодови, но и првите двајца потенцијални корисници од прелиминарната листа со 75 и 60 бодови: Ферикана Мемедоска и Сенад Сулејманоски! На нивно место биле впишани сосем други имиња, коишто воопшто не биле во ниту една категорија потенцијални корисници!

Но, не е само Рубинчо. Во истата категорија граѓани има и други инвалидизирани лица, кои иако поднеле комплетна документација во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, не се нашле дури ни на прелиминарната листа.

ЦИВИЛ Медиа пишуваше за посочените нерегуларности при распределбата, Министерството за труд и социјална политика ја префрли одговорноста на Министерството за транспорт и врски. Оттаму пак, одлучија да молчат. Ниту координаторот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, не одговори на прашањето и обвинувањата за распределба на социјалните станови по партиски клуч.

Дел од граѓани кои се најдоа на конечната листа корисници, со логистичка поддршка на членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои воопшто не се социјални случаи, два пати протестираа пред новоизградените 76 социјални станови во населбата „Точила“ во Прилеп, со обвинување дека ексминистерката Фросина Ременски тенденциозно не ги потпишувала решенијата.
Ременски тогаш ги посочи нерегуларностите и се заложи за ревизија на целата постапка. По нејзината смена и враќањето на Диме Спасов на министерската позиција, решенијата се итно потпишани, а корисниците од 5 јуни ќе може да се вселуваат.

Но, многу граѓани кои се чувствуваат обесправени, најавија приговори.

Извор: Цивил Медиа