(ВИДЕО) Премиерот Заев на промоцијата на групата пријатели што ја предводи Лорд Робертсон: Нашите пријатели ќе го афирмираат новото лице на Република Македонија демократско, ориентирано кон иднината – европско лице

0
905

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев во обраќањето на заедничката прес конференција со Лорд Џорџ Робертсон, поранешен генерален секретар на НАТО, по повод промоцијата на групата „Охрид“ за поддршка на Република Македонија во асприрациите за членство во НАТО и ЕУ, истакна:

Тука сме заради една исклучителна причина: Заеднички да го објавиме конституирањето на групата „Охрид“ која ќе дава поддршка за процесот на интеграција на РМ во НАТО и ЕУ успешно да се заврши.

Во групата се многу докажани пријатели на РМ: Лордот Џорџ Робертсон, поранешен ген-сек на НАТО, Росен Плевнелиев поранешен претседател на Бугарија, Хавиер Солана поранешен ген-сек на НАТО и претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Карл Билдт поранешен премиер на Шведска, Лордот Кристофер Гаидт, амбасадорите Роберт Гелбард од САД, Ален Ле Роа од Франција и Волфган Ишингер од Германија, Дејмон Вилсон од Атлантскиот совет и Зоран Чичак, советник за меѓународна политика.

Групата „Охрид“ за поддршка на Република Македонија е неформална група составена од членови со различен, исклучително импресивен, професионален политички бекграунд со различна политичка припадност.

Истовремено, активностите на групата и на одделните нејзини членови кои оставија силни печати во нивната политичка и дипломатска кариера, ќе претставуваат и огромна поддршка и за нашите напори за изградба на демократска, стабилна, просперитетна и европска Република Македонија.

Пријателите се тука да го поддржат и помогнат нашето членство во НАТО. Да се има пријатели со една таква мисија е особено значајно и охрабрувачки.

Република Македонија и НАТО се блиски партнери веќе 22 години. Партнерството го помина тестот на времето и ја докажа способноста на нашата земја да се адаптира на стандардите на алијансата и да ги променува соодветно на критериумите на НАТО.

Нашата земја ја докажа посветеноста кон партнерството на НАТО и споделувањето на исти вредности во заедничките мисии, во взаемната поддршка во борбата со меѓународниот тероризам и насилен екстремизам, како и во исполнувањето на стандардите на нашата армија.

Република Македонија направи квантен скок. Од заробена држава до обнова на демократија и владеење на правото. Владата на Република Македонија е со цврста одлучност и со силна политичка волја овој напредок да продолжи.

Силна мотивација за оваа намера и потврда дека сме на вистинскиот пат дојде и со Извештајот на Европската Комисија која донесе одлука да Европскиот Совет да му препорача утврдување датум за безусловен старт за преговори со Европската Унија.

Пред тоа, во јануари оваа година, овде во Скопје дојде и охрабрувањето за нашиот прогрес и од Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. Следуваа и бројни други посети и поддршка од највисоки претставници од НАТО, и на ЕУ и како и на претставници на одделни земји членки на унијата.

За нас е силен сигнал што НАТО го враќа фокусот на Балканот и што продолжува со политиката на Отворени врати. Тоа ги засилува нашата посветеност и мотивација да работиме заедно.

Подобрување на добрососедските односи и регионалната соработка се стратешки цели на Владата, и одат рака-под-рака со амбициите за членство во НАТО и ЕУ. Тоа е вредност што ја делиме со сите земји членки на алијансата.

Оттаму произлегува и нашата фокусираност на нов дух во односите, со искрен дијалог да им приоѓаме на сите отворени прашања. Од таквиот пристап доаѓа и нашата заложба да градиме мостови за соработка кои ќе бидат базирани на доверба и почит за достоинството на другиот, на соседот.

Сакаме 2018 да биде историска година за РМ, за регионот како и за НАТО и за ЕУ. Нашата цел е во 2018 да имаме историски успех – да ја добиеме поканата за членство во НАТО и да станеме 30-тата земја членка на Алијансата.

Затоа ги вложуваме сите наши сили и напори на Република Македонија да се гледа како на кредибилен партнет во меѓународните односи. Затоа ја бараме бараме поддршка од сите земји членки на НАТО и ЕУ и од пријателите на нашата земја.

Тоа што нашите пријатели со кои сме денеска тука, организирани како група „Охрид“ застанаа зад Република Македонија е вистински сигнал за поддршка на новото лице на Република Македонија: демократско, ориентирано кон иднината – европско лице.

Дозволете ми да ја искажама мојата лична благодарност, благодарноста во името на Владата на Република Македонија, како и во името на граѓаните бидејќи вашата поддршка е инвестиција во идејата за една нова Република Македонија, со европски вредности и со европска иднина.