(ВИДЕО) ПОТРЕСНА сторија на 24 вести од село Лозово: Tројца браќа и сестра заборавени од светот

0
2364

Една догорена свеќа. Ќумбе во кое горат последните гранки од блискиот орев. Три стари кревети. Лонец со бајат грав, нешто леб. Студ и солзи. И тие четворицата. И нивната постојана друшка – сиромаштијата, пренесува 24Вести.

Screenshot_5

Вака почнува, но и завршува тажната приказна за семејството Миташеви од село Лозово. Тројца браќа и една сестра. Ни самите не се сеќаваат кога последен пат имале струја во куќарката. Дење живеат во една соба, во која само картон ги дели од студениот земјен под.

Милорад е најстар. Има 52 години. Се грижи за болните браќа и сестра.

Кога ги посетивме, нивниот трет брат Драганчо не беше дома. Го земале во некое трло овци да гледа, некој денар да донесе. Нема да издржи – вели Милорад. И тој како и Душко и Даниела се болни, имаат епилепсија и често добиваат напади.

Навечер Милорад спие со сестра си во собата во која е единственото ќумбе. Мора да внимава на неа. Другите двајца браќа спијат во другата соба, која нема таван. Фури отсекаде, а тие покриени преку глава, се речиси под отворено небо, на температури длабоко под нулата.

Оваа куќа Милорад ја направил пред три години, откако им паднала старата. Струја немале ни таму, поради неплатени сметки. Во новата, ниту може да се намести, оти е дива градба, но и е недоправена, тече отсекаде, па струјата може да биде смртоносна за нив.

Додека не го преживеал инфарктот лани, Милорад подработувал по нешто, како градежник, како столар, парче леб излегувало. Сега бргу се заморува, па не може да работи. Четворицата живеат од осум илјади денари постојана парична помош. Ги одбиле за пензија од мајка им, ги одбиле за туѓа нега.

Овие четворица луѓе се заборавени од светот. Нивниот глас е нечуен.

Милорад, Душко, Драганчо и Даниела изгубиле секаква надеж за попристоен живот. За нив, секој ден е дар од бога. Но, државата треба ден побргу да реагира и да им помогне, оти тоа и е должност.