(ВИДЕО) Пендаровски во Штип : Како иден претседател ќе воведам орден „Киро Глигоров“

0
1054

Кандидатот за претседаел, Стево Пендаровски, денеска од Штип порача дека за него голема гордост е што имал чест да го познава Киро Глигоров, првиот претседател на независна Република Македонија.

„Неговата улога во осамостојувањето и меѓународното признавање на нашата татковина е бесценета. Во услови кога на територијата на бившите југословенски држави војната беше на прагот, Глигоров изоде тежок и трнлив пат до конечно одвојување од Федерацијата и мирно осамостојување на нашата земја“, истакна Пендаровски.

Тој додаде дека Глигоров повлекувал храбри политички потези кои се пример за државник и политичар со визија.

„Токму затоа, во негова чест, би сакал да најавам дека како ваш иден претседател, ќе иницирам воведување орден ‘Киро Глигоров’ кој ќе се доделува на заслужни граѓани кои дале придонес кон мирот и безбедноста во државата“, најави Пендаровски.

Кандидатот за претседател воедно истакна дека политиките на Глигоров се пример за тоа колку е важно за една држава да го задржи вистинскиот правец на движење.