(ВИДЕО) Османи : Двоглавиот орел значи јас сум Албанец, а не порака за голема Албанија!

0
1244

Вицепремиерот Бујар Османи вели дека веќе е почната примената на Законот за употреба на јазиците и дека тој лично денеска ги потпишал првите документи на два јазика. Тој додаде дека очекува тешкотии во примената на законот првите денови од стапувањето во сила, но, како што рече, уште денеска пратил барање за странска помош и најави дека уште идниот месец ќе се одржи состанок со донаторската заедница за логистика, но и за да се соберат искуства од други држави каде што се применува двојазчиност или тријазичност.

„Јас денес ги потпишав првите двојазични документи, во сабота ќе седнеме да направиме акциски план со точни рокови и институции што треба да се подготви, а потоа на неделна основа да го следиме тој процес. Апсолутно да не се чувствуваат загрозени Македонците, нема да има ниту еден документ кој во него нема да го има македонскиот јазик. Второ, ова ќе овозможи граѓаните на мајчин јазик да комуницираат со државата, ќе ги зближи Албанците со државата, а тоа е целта“, рече Османи.

Во однос на реакциите по објавувањето на фотографијата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, каде што симболизираат двоглав орел, Османи вели дека тоа е знак на идентификација дека е Албанец.

„Двоглавиот орел значи порака јас сум Албанец. И тоа е знак на идентификација, ако некому му пречи дека јас јавно се изјаснувам дека сум Албанец, тоа е негов проблем, не мој. Демантирам дека тој знак рефлектира националистички и големоалбански претензии. Кога ќе бидете на Монт Еврест и го правите тој знак, тоа значи дека сте Албанец. Тоа е знак на моето знаме и ако тоа знаме е службено во употреба во Република Македонија и двоглавиот орел е во службена определба и тоа е моето право да се самоидентификувам во согласност со член 48 од Уставот, кој вели дека државата гарантира слобода на самоидентификација на граѓаните од етничките заедници“, вели Османи.

Османи додаде и дека во наредните месеци ќе се формираат агенција и инспекторат, кои ќе ја следат примената на законот во инситиуциите, а за нив од буџетот за оваа година се издвоени 15 милиони денари.