(ВИДЕО) Орданоски: Груевски не може да биде премиер!

0
1732

Власта е во постојана трка да украде што повеќе време, бидејќи се надева дека ќе ја умори демократската иницијатива – вели д-р Сашо Орданоски за Цивил во својата видео-анализа.

Стратегијата на власта во Република Македонија, на режимот на Груевски и сите негови, екстензии почнувајќи од претседателот Иванов па надолу, е да украде што повеќе време бидејќи тие се во натпревар меѓу времето што го крадат од правната држава, особено од Специјалното јавно обвинителство и некаква политичка стабилизација која сакаат тие да ја видат според нивните критериуми.

Така, секој загубен ден, секоја загубена недела за правната држава, за нив е добивка. Владејачката партија има големи проблеми внатре, бидејќи, реално, во првиот ешалон, деведесет отсто од луѓето се осомничени. Тие се и на приватно и на службено ниво прилично разнебитени, таму тешко се одржува консензусот, лидерот е во една политичка и психолошка прилично нестабилна ситуација, како што слушаме, со разни падови и неконтролирани однесувања.

ВЛАСТА Е ВО ПОСТОЈАНА ТРКА СО ДЕМОКРАТСКАТА ДРЖАВА

Во принцип, тие се во постојана трка да украдат што повеќе време, бидејќи се надеваат дека ќе ја уморат демократската иницијатива која доаѓа од Македонија, но и како резултат на странски влијанија и дека, кога ќе ги фатат граѓаните на кондиција, полесно ќе може да преговараат за сопствениот опстанок и извлекување од оваа тешка криза во која се наоѓаат.

Последните два месеци се извонреден пример како тоа го прават. Значи, вие имате еден претседател кој потполно незаконски прави аболиција, предизвикува шок кај сите, па дури и кај дел од поддржувачите на власта, а потоа поминуваат два месеци во натегање, во анализирање, во толкување итн. Два месеци во кои претседателот продолжува да прави конфузии, бидејќи ни тој самиот не знае на што точно ги базира своите проценки и мерки, за после два месеци да ја повлече сопствената одлука и тоа да ја повлече во етапи коишто прават дополнителни шокови врз правниот систем, врз политичката стабилност, врз институциите и системот.

Откако ќе ја повлече аболицијата, остануваат правни празнини кој сега никој жив не знае, ниту на ниво на преседан, ниту на ниво на домашна, ниту на меѓународна судска правна практика, што треба да се случува. Реално, имате некакви правни последици од една бесправна одлука на претседателот за аболиција. Сега се доведени во прашање и истрагите што се започнати, судења кои се започнати или во еден случај судења кои се завршени, па човекот е ослободен од затвор итн. И сега што понатаму?

Значи, тоа е еден тотален хаос и мислам дека има намера во тоа. Произведувањето хаос е произведување нестабилност која ја продолжува таа битка против правната држава во Македонија. Не заборавајте – како што знаеме работата на СЈО е ограничена на 18 месеци за поведување на истрагите и тие многу успешно украдоа 6-7 месеци од тие 18 месеци.

МАЛИ СЕ ШАНСИТЕ ЗА ЛУЃЕТО ОД ВЛАСТА ДА ОСТАНАТ НА СЛОБОДА

Тоа не треба да се потценува бидејќи повеќето од тие луѓе се борат за сопствената, не само политичка, туку и за сопствениот животен опстанок во смисла на тоа што нивната слобода е доведена во прашање, бидејќи знаат дека ако отидат на фер судење во кој би судел суд со интегритет, нивните шанси да останат на слобода се релативно мали, дури имајќи ја предвид и пресумпцијата на невиност за која што треба сите да се залагаме.

Овие два месеци што поминаа се месеци во кои граѓанската иницијатива преку Шарената револуција доби замав. Меѓутоа, кај такви движења вие не можете да се обложите дека тоа ќе трае предолго. Тоа се движења во кои учествуваат многу луѓе, тие се движења кои бараат многу енергија, организационен напор, бараат контрола врз настаните, за да не дојде до несакани последици бидејќи гледате дека има провокатори, има луѓе кои се уфрлени итн. Тие од власта знаат дека што повеќе трае тоа, постојат шанси дека ќе дојде до замор, до недоразбирања, дека ќе дојде до распад, кавги внатре. И тоа се обидуваат, преку своите пропаганди, преку други методи, тајната полиција е секако многу вклучена како што знаеме и претходно, а особено сега, се обидуваат тоа движење да го разнебитат.

ДЕМОКРАТИЈАТА ПОБЕДУВА, НО ПРОЦЕСОТ Е БАВЕН

Тоа се тие два месеци зад нас. Кога би зборувал на еден спортски речник, мислам дека резултатот не е нерешен. Ова е, сепак, една победа на демократијата, но настаните одат многу бавно. Луѓето разбираат дека цената ќе биде висока, дека ќе биде тешко да се дојде до резултати. Со тоа се намалуваат очекувањата и сето тоа оди во прилог на овие луѓе кои се сè уште на власт во Македонија. Тие се вратија во еден капацитет да владеат со државата. Навистина, бившиот премиер Груевски повеќе нема да биде премиер и тој самиот тоа доволно добро го разбира, да не се наметнува на таа функција. Меѓутоа, не треба да бидеме изненадени доколку се повлечат сè уште неочекувани потези.

Како што гледаме, се одлага одлуката на Уставниот суд околу конститутивноста  на постоењето на СЈО и со тоа тие ќе ја малтретираат целата македонска јавност, сè додека не проценат дека на поинаков начин може да ги опструираат работата и истрагите на СЈО.

Кога ќе им стане јасно дека тоа е невозможно, мислам дека тогаш ќе изгласаат одлука со која ќе го укинат, па потоа повторно ќе упаднеме во една апорија. Секогаш е тука прашање на анализа, проценка на ресурсите, кој има повеќе ресурси. Меѓутоа, не мислам со ресурси само на пари, бидејќи кај нас кога ќе спомнете ресурси веднаш се мисли на финансии, туку мислам на низа други ресурси – политичка поддршка, кадровска поддршка, време е ресурс, меѓународна заедница е ресурс итн. Тоа е една тесна трка во која демократската држава се натпреварува со овие луѓе коишто на секој начин ја злоупотребија и ја руинираа правната, демократска држава Република Македонија.

Но, мислам дека последните два месеци покажаа дека во Македонија има еден капацитет кој нема да прифати импровизација на тој начин, како што се обидува власта, особено преку претседателот Иванов. Сега е веќе јасно дека позицијата на Иванов е неодржлива и сега тој ќе влезе во пакетот што на крајот ќе биде испорачан, а ќе заврши со негова оставка.

д-р Сашо Орданоски