(ВИДЕО) ОДГОВОР НА НОВИНАРСКИ ПРАШАЊА – Шилегов: Ќе биде избран претседател на Собранието, поднесовме иницијатива со поддршка од 20 пратеници

0
1266

Одговори на новинарски прашања,
Петре Шилегов,
27.03.2017 година

Медиуми: Ваквата ситуација може да трае со месец. Што ќе превземете вие за да дојде до одблoкирање на Законодавниот дом?

Шилегов: Согласно одредбите од Деловникот веќе поднесовме барање за избор на претседател на Собранието со поддршка од 20 пратеници. Дискусијата по оваа точка станува безпредметна бидејќи и комисијата и не мора да се избере, треба веднаш да се прејде на избор на претседател на Собранието.

Медиуми: Ќе побарате веднаш да се прејде на избор на претседател?

Шилегов: Веќе поднесовме преку архивата барање денеска.

Медиуми: Што значи тоа за оваа седница? Тоа значи дека продолжува понатаму?

Шилегов: Знаете, кажавме. Очигледен е стравот од одговорноста. Надвор од секоја логика ВМРО ДПМНЕ побара мнозинство во комисијата и доби. Надвор од секоја пракса и логика ВМРО ДПМНЕ побара претседател на таа комисија да биде Илија Димовски и сега ВМРО ДПМНЕ го блокира изборот токму на Илија Димовски за претседател на таа комисија со неделовничко однесување и реплицирање самите на себе. Тоа доволно зборува колкав е стравот и очајот во којшто се наоѓа Никола Груевски и криминалното раководство во обид да избегаат од одговорноста којашто неминовно им следи.

Медиуми: Имате ли некој рок до кога ќе чекате оваа ситуација?

Шилегов: Кажавме ние го имаме парламентарното мнозинство, нема да бидеме соучесници во уништувањето и разнебитувањето на Македонија и ќе превземеме одговорноста што ја има едно парламентарно мнозинство.

Медиуми: Имате ли план како ќе се справите со блокирањето евентуално на комисијата? Тоа може да биде во недоглед бидејќи таму нема ограничување на дискусиите?

Шилегов: Работата на комисијата е беспредметна бидејќи веќе постои предлог од 20 пратеници за избор на претседател на Собранието.

Медиуми: Кој е вашиот кандидат за претседател на Собранието?

Шилегов: Талат Џафери.

Медиуми: Што значи тоа дека парламентарното мнозинство нема да учествува?

Шилегов: Во наредните денови ќе бидете сведоци, ќе ги превземеме сите законски, деловнички можности што ни стојат на располагање да ова неделовничко однесување на ВМРО ДПМНЕ прекине.

Медиуми: Дали Талат Џафери е кандидат и на БЕСА?

Шилегов: Кажав дека 20 пратеници се потпишани. Тоа е преку архивата, мислам дека преку службите ќе можете да видите кои се потпишани.

Медиуми: Велјановски тогаш има обрвска да ја свика таа седница?

Шилегов: Работата по комисијата станува беспредметна бидејќи таа комисија нема никаква улога во овој момент во Собранието. Бидејќи во овој момент единствената улога на таа комисија беше на Собранието да му предложи кандидат за претседател на Собранието. Бидејќи е беспредметна нема потреба ни да се одлучи ни да се дискутира понатаму по оваа точка.

Медиуми: Ние зборуваме за седницата со 20-те потписи?

Шилегов: Таа спаѓа под четвртата точка на дневен ред, избор на претседател. Можеме, согласно Деловникот да избереме претседател на Собранието, со поддршка од 20 пратеници.

Медиуми: Колку има рок Вељаноски да го свика Собранието со тие 20 потписи?

Шилегов: Седницата веќе е во тек. На оваа седница, како четврта точка.

Медиуми: Ама еве, се расправа сега за комисијата и тоа може да биде до недоглед.

Шилегов: Очигледно е дека комисијата е беспредметна и дека дискусиите за избор на таа комисија, којашто токму ВМРО-ДПМНЕ ја побара, и по бројност, и по состав, и по претседател, се беспредметни. Бидејќи веќе имаме еден нов предлог согласно Деловникот.

Медиуми: ВМРО-ДПМНЕ вели дека е демократско право да се разговара за сите прашања. Како со тоа ќе се справите?

Шилегов: Прашањето по коешто моментално се дискутира, е прашање за состав на комисијата. Работата на комисијата е беспредметна имајќи во предвид дека претседателот на Собранието, може да се избере со поддршка од 20 пратеници, без мислење на комисијата.

Медиуми: Како ќе ја прескокнете третата точка?

Шилегов: ВМРО-ДПМНЕ е должно да престане со ова неделовничко однесување коешто ја разнебитува Македонија. Ние, како парламентарно мнозинство, имаме одговорност да го прекинеме тоа разнебитување на оваа држава.

Медиуми: Ќе учествувате, ќе продолжите сега на седницата?

Шилегов: Гледате дека се обидуваме да го донесеме ВМРО-ДПМНЕ до апсурд, гледате дека имаме флагрантно кршење на сите деловнички, парламентарни, обичајни норми, кадешто си реплицираат самите на себе, за прашање коешто повеќе нема совршено никаква улога во изборот на претседател на Собранието.

Медиуми: Вие баравте да нема прекинување на дебатите на пратениците. А сега викате дека треба да се прекинат?

Шилегов: Значи, дебатираме за точка која е небитна. Еве го Илија Димовски е тука позади, веројатно ќе си земе збор. Сакаше да има мнозинство во комисијата, доби мнозинство. Сакаше да биде претседател, доби претседател. Прашајте го Илија Димовски зошто неговата пратеничка група одбива да го гласа за претседател на таа комисија. Ние бевме спремни да учествуваме во работата на комисијата, онака како што беше договорено на изминатите координации. Очигледно е дека целта е да се избегне одговорност за криминалите и да се блокира процесот во Собранието. Бидејќи така одбраа, преминавме на вториот деловнички начин, а тоа е избор на претседател на Собранието. На таа точка може да дебатира секој пратеник онолку колку што сака. Незаконски, неделовнички е реплицирањето на пратеник од иста пратеничка група, на сопствен пратеник.

Медиуми: Ама пак немате излез сега во конкретниот случај. Ќе свикате ли некоја координација, ќе се договорите ли? Или секој по свое ќе тера?

Шилегов: Тоалет хартија логиката на функционирањето на ВМРО-ДПМНЕ очигледно овде продолжува да важи. Во блиска иднина ќе мора да се соочат и да си ги забришат со таа тоалет хартија своите солзи.

Медиуми: Дали ќе се вратите на седницата, дали ќе учествувате?

Шилегов: Да, продолжуваме со работа, со тоа што е беспредметна понатаму работата. Апелираме уште еднаш ваквото грубо кршење на Деловникот од страна на ВМРО-ДПМНЕ, да престанат да си реплицираат. Нека дебатира секој пратеник онолку колку што му следи согласно Деловникот, немаме проблем со тоа. Иако, напоменувам повторно, точката е беспредметна, бидејќи функцијата на формирање на комисијата беше да таа комисија достави до Собранието, предлог за избор на претседател. Бидејќи веќе има предложен претседател, бирањето на самата комисија е беспредметно.