(ВИДЕО) Нобеловката Херта Милер во Скопје: Да се молчи за диктатурата е најлошо

0
1436

Писателката Херта Милер, добитничка на Нобеловата награда за литература, денеска престојува во Скопје заедно со славниот драмски писател Том Стопард за да ја примат наградата што ја доделува издавачката куќа „Табернакул“, пренесува „А1он“.

На прашањето за влијанието на писателите и на интелектуалците против диктатурите и загушувањето на човековите права, Милер рече:

– Родена сум и живеев во времето на диктатурата на Чаушеску, кој беше монструозен во својата глупост, во својата моќ. Само што живеев во тоа општество бев исполитизирана, а се што сакав е да пишувам. Имаше една група која пишуваше како што сакаше системот, и друга, која беше сметана за дисиденти. Јас не сакав да бидам дисидент, само сакав да пишувам. Диктатурата остава траги. Кога дојдов во Германија уште ме прогонуваа и следеа од тајната служба на Романија и секојдневно добивав закани по живот, рече Милер.

Таа говореше дека не смее да се молчи за тие што ја спроведуваат диктатурата.

– Татко ми бил член на СС-службите и јас морам да живеам со тоа. Се чувстувам виновна за нешто што не сум направила. Јас не сум месија, ама со литератрата можам да им помогнам на луѓето во нивниот живот. Треба да се зборува за тоа. Молчењето не е корисно. Треба да се расчистат работите, рече Милер.

Херта Милер (1953) е германска писателка, добитничка на Нобеловата награда за книжевност во 2009 година. Родена во Романија, работела како преведувач, а со пишување почнала во младоста. Пишува романи, раскази, поезија и есеи. Нејзините дела се преведени на повеќе од дваесет јазици.

Таа е родена во Романија во богато семејство, по Втората светска војна, на семејството му бил одземен имотот заради членувањето на нејзиниот татко во нацистичката организација. Студирала германска книжевност во Темишвар. Од 1976 година работела како преведувач во една фабрика, но била исфрлена од работа кога одбила да соработува со румунската тајна служба „Секуритате“. Нејзиниот прв роман „Нидерунг“ е објавен во Романија и бил цензуриран од тогашната власт. Во 1987 година, Херта Милер со нејзиниот сопруг, писателот Ричард Вагнер заминува во Германија, каде живее и работи до денес. Кога ја доби Нобеловата награда за литература во 2009 година ја споредија со Франц Кафка.

По повод доделувањето на наградата, издавачката куќа „Табернакул“ ќе ги промовира делата на Милер – романот „Патничка на една нога“ и книгата есеи „Секогаш истиот снег и секогаш истиот чичко“.

Видеото ОВДЕ