(ВИДЕО) Николовски: Нови злоупотреби со субвенциите поврзани со градоначалникот на Демир Капија од ВМРО-ДПМНЕ

0
1304

Прес конференција на Љупчо Николовски -Дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство:

Почитувани граѓани,

Продолжуваме со објавување на вистината како се злоупотребуваат субвенции и се доделува земјоделското земјиште од страна на Никола Груевски.

Денес објавуваме еден дел од случај поврзан со семејството на градоначалникот на Општина Демир Капија, Трајче Димитриев.

Фирмата „Корал“ застапувана од сопругата на градоначалникот на Демир Капија, Виолета Димитрова во 1998 година со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на РМ склучува договор за долгорочен закуп на земјоделско земјиште во површина од 848 хектари на 30 години (ова е договорот).

Во 2012 година Виолета Димитрова го отстапува целосно својот удел од фирмата „Корал“ на АЛЕКСАНДРИЈА – КОРП ДОO, фирма основана од странски инвеститор. Еве го договорот и тековната состојба.

Според договорот, продавачот, сопругата на градоначалникот, се обврзува да ги прифати сите барања кон друштвото за неплатени даноци, придонеси и други обврски кои се настанати пред датумот на потпишувањето на договорот.

Но, кога странскиот инвеститор ја превзема „Корал“ во 2012 год., за во 2013 година да отпочне со работа, од банките добива информација дека сметката на фирмата е блокирана поради долгови направени пред превземање на фирмата. Фирмата должи околу 200 милиони денари и тоа кон државата, банки и други доверители.

Понатаму, сопругата на Димитриев, на ден 11.12.2012 година е избришана од ЦРМ и како сопственик и како управител на фирмата (што се гледа од историјатот на фирмата Корал од ЦРМ), повторувам повеќе таа не е управител ниту сопственик на „Корал“, а на ден 18.9.2013 година или десет месеци подоцна, склучува Договор за цесија со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Договорот е потпишан од министерот Љупчо Димовски а на договорот има само потпис на претходниот сопственик и управител но не и печат на фирмата Корал.

Експресно, за само еден ден овој договор се спроведува и се добива решение за пребивање и исплата на средствата за субвенции во износ од околу сто илјади евра.

Постои уште еден доказ за тоа дека сопругата на градоначалникот на Демир Капија, Виолета Димитрова, потпишала барање за исплата на субвенции и за следната година во име на „Корал“ иако не била ниту сопственик ниту управител и во тој период. Тоа е ова известување од платежната агенција потпишано од директорот Тони Димовски.

Пред да продолжиме во целост со овој и другите случаи и фирми на овој локален моќник поврзани со тоа како се доделува државното земјите и субвенциите и во чии џебови одат субвенциите се поставуваат повеќе прашања:

Како може некој што не е ниту сопственик ниту управител на фирма да бара исплата на стотици илјади евра субвенции од државата?

Како може министерот Љупчо Димовски да потпише договор со лице што повеќе не е сопственик и управител, а директорот на Платежната да донесе и потпише решение за исплата на овие средства?

Како може вистинските земјоделци да ги чекаат субвенциите со години а кога станува збор за локални политички моќници од власта целата постапка да се одвива во еден ден?

Кои се институции, извршители и поединци се вмешани во овој случај?

Каде завршуваат овие пари исплатени за субвенции?

Јавноста мора да ја знае вистината.

Наша законска обврска е откривање на злоупотребите и манипулациите како и пријавување на прекршувањата на законот без разлика за кого станува збор.

Промените доаѓаат. Секој во државата, за секое едно евро незаконски потрошено од буџетот на државата, ќе мора да одговара.

Само со сериозна борба против криминалот и одговорност пред законот на секој кој се огрешил Македонија може да отвори нова страница и да оди напред.

Спречување на злоупотребите на парите на граѓаните, вклучително и на парите за субвенции во земјоделството, се услов за да имаме фер, слободни и демократски избори.

Во Македонија мора да има и ќе има слободни, фер и демократски избори, со прочистен избирачки список и реформи во медиумите.