(ВИДЕО) Николовски: Никој не знае што јадеме, не се испитува присуство на ГМО

0
1314

Огромниот скандал што го откривме, за катастрофалната негрижа за безбедноста на храната во Македонија е потврден од самата Агенција за храна и ветеринарство во нејзиниот Годишен извештај за работа за 2015 година, рече денеска Љупчо Николовски, член на Извршен одбор на СДСМ, покажувајќи го извештајот.

Извештајот констатира дека иако во програмата на Владата за мониторинг на безбедноста на храната во Македонија за 2015 година предвидено било да се земат 2.075 мостри за анализа, вкупно се анализирале само 1.194 мостри и тоа во рок од само три месеци во 2015 година. Ова е официјална потврда на скандалот објавен од наша страна – рече тој.

Според него, скандалот е уште позагрижувачки, зашто Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за храна и ветеринарство за 2015 година открива дека во 2014 и 2015 година во Македонија не се испитува присуство на Генетски модифицирани организими (ГМО) во храната.

– Тоа е спротивно на законот. Согласно Законот за безбедност на храна и измените од 2013 година (член 55) забрането е производство, промет и увоз на храна и производи од храна што содржат ГМО. Иако во програмата на Владата за мониторинг на безбедноста на храната предвидено било да се направат 150 анализи на мостри Агенцијата не направила ниту една односно како што стои во извештајот нула. Ниту пак има правилници за контрола ниту пак упатства за тоа како инспекторите ќе ја вршат оваа официјална контрола. Извештајот за работењето на Агенцијата за храна и ветеринарство потврдува дека во 2015 година храната со месеци не се контролирала. Само во три месеци се вршени анализи на храната а не во текот на целата година. Во останатите месеци Агенцијата за храна и ветеринарство немала склучено договори со овластените лаборатории, како што обелоденивме. Со тоа, од мај до септември 2015 година Агенцијата за храна немала сознанија за безбедноста на храната што ја конзумирале граѓаните. Граѓаните не знаеле каква храна купуваат, што јадат, дали е тоа исправно или не е, дали е штетно по нивното здравје. Но, скандалите поврзани со нестручното, неодговорно и катастрофално работење на Агенцијата за храна и ветеринарство продолжуваат – рече тој и повика на одговорност.

Според него одговорни се прво директорот на АХВ а потоа и министерот Михаил Цветков.

– Ние ќе ја продолжиме борбата против злоупотребите во инстуциите и криминалното, противзаконско работење на ВМРО-ДПМНЕ на штета на граѓаните. Секој што го прекршил законот ќе одговара. Оставки за вакви скандали со коишто е загрозено здравјето на граѓаните не се доволни. Одговорност пред законите мора да има – додаде тој.