(ВИДЕО) Наумов: Никој нема да биде амнестиран за незаконското задолжување!

0
1180

Прес конференција,
Кире Наумов, претседател на Комисијата за финансии на СДСМ
Скопје, 20.07.2016

Груевски и соработниците противзаконски ја издадоа еврообврзницата и за ова огромно незаконско задолжување на граѓаните од 450 милиони евра најавуваме дека ќе има одговорност!

Нема на кого не му е јасна намерата на Груевски дека врши корупција во предизборниот период.

Порачуваме дека СДСМ ќе ги искористи сите механизми да спречи непродуктивни трошења со коишто власта ги задолжи граѓаните на Република Македонија.

Укажуваме дека министерот за правда не смее да се крие и мора јавно да излезе и да одговори дали Министерството за правда има издадено правно мислење за правната важност за издавањето на оваа еврообврзница.

Министерството за финансии тврди дека има.

Доколку и денеска министерот за правда не излезе да ги расчисти дилемите, сметаме дека тој и неговата партија ДУИ се исто така соучесници во финансиското злосторство што го направи ВМРО-ДПМНЕ по налог на Никола Груевски.

Власта на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ вчера издаде трета еврообврзница за само 24 месеци!

При секое издавање образложението беше дека средствата ќе се користат во наредните две до три години. Лажеа.

Граѓаните треба да знаат дека се до денеска во ставката Депозити во ребаланост на Буџетот не планираа да пренесат средства во 2017 година.

Според нашите информации денеска со нова манипулација се обидуваат да направат дополнување на Ребалансот, што говори на што се е подготвена оваа власт кога се пари во прашање.

На идните генерации оваа неодговорна криминално – корупциска власт им натовари нов долг од 450 милиони евра и плус камати. Новото задолжување ќе ги чини граѓаните вкупно 627 милиони евра!

Да ги почитуваа законите и да го прифатеа укажувањето на СДСМ да се издаде еврообврзница согласно постапката од ноември 2015 година, камата сигурно ќе беше помала.

Во услови на економски раст од само 2%, со каматни стапки на задолжување во континуитет од пет и повеќе проценти за средства што планираат да ги трошат за непродуктивни и криминални цели, оваа власт ги носи државата и граѓаните во должничко ропство.

Со вчерашното задолжување јавниот долг го зголемија за над 3 милијарди евра и од вчера долгот е на ново историско ниво од речиси 5 милијарди евра или над 50% од БДП.

Наместо да ги скратат трошоците за Панорамско тркало од 18 милиони евра, средствата за барокни фасади од 5 милиони евра, средствата за уништување на ГТЦ и сите останати криминални проекти од коишто граѓаните немаат никаква корист, задолжувањата продолжија.

Вакво расипничко и неодговорно управување со јавните финансии не е забележано во ниедна европска држава.

Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија по промената на власта ќе ја спори легалноста на ова задолжување.

Повторуваме, не сме против искористувањето на кој било финансиски инструмент со којшто ќе се надополни дефицитот во Буџетот. Но, сме против злоупотреба на средствата.

Законите во Р.Македонија мора да се почитуваат.

Никој нема да биде амнестиран за своите незаконски постапки.

 

Одговори на новинарски прашања:

Медиуми: Дали СДСМ и Вие како автор на писмата што ги испративте до банките чувствувате одговорност дека заради тие писма е зголемена каматната стапка на еврообврзницата и условно речено ќе ја чини државата милиони евра?

Наумов: Не би сакал никого да навредам, ниту Вас, одговорот би го кажал вака: Ова прашање е исто како да им поставите прашање на Евреите: Дали чувствувате одговорност за холокаустот?

Медиуми: СДСМ смета дека е прекршен Законот за влада сметате ли дека еврообврзницата требало да ја издадете Вие и ако е така во кое својство би ја издале бидејќи Вие не сте повеќе дополнителен заменик министер за финансии?

Наумов: Не ние. Неколку пати кажавме досега. Единствен законски начин на издавање на еврообврзница сега во овој момент е како во 2015 година во месец ноември. Тоа значи дека во согласност со министерот за финансии и дополнителниот заменик министер откако ќе се отвори целата ситуација со јавните финансии ќе се утврдеше правата вредност на средства којашто е неопходна, покрај неодговорноста на оваа власт, и со таков заеднички потпис можеше да се оди на легално издавање на еврообврзницата. Каматата ќе беше пониска и немаше никој да ја спори легалноста. Само по тој основ. Има и други основи, мислење на Министертсвото за правда, Буџетот или ребалансот. Нигде не е внесена до сега во ребалансот оваа сума за странски задолжувања. Тоа се другите моменти. Значи не да ја издадеме ние, туку тоа да биде заеднички како минатиот пат.

Медиуми: Кажете ми што сега како понатаму? Парите се земени има ли СДСМ можеби стратегија за парите? Вие се сомневате дека ќе бидат употребени за пред изборни цели, како да не се чепкаат до изборите?

Наумов: Она што сега можеме навистина да го направиме е доколку дојде до формирање на техничка Влада, и преку дополнителниот заменик министер да се обидеме што е можно повеќе овие средства да не се трошат непродуктивно. Тоа е единственото нешто што можеме да го направиме. Паралелно со тоа велиме дека во овој момент евентуалните преземени правни мерки кон лицата инволвирани во сето ова, при постоечкото Јавно Обвинителство и Судство, не веруваме дека ќе вроди со плод. Но, по превземањето на власта сигурно овие лица директно или индиректно што се инволвирани во ова ќе сносат одговорност. Она што сега можеме е да се фокусираме ако дојде што порбрзо до формирање на техничка Влада односно договор и на тој начин да се обидеме да спречиме непродуктивно трошење на овие средства.

Медиуми: Спомнавте дека Владата подготвува дополнување на ребалансот. Што значи тоа?

Наумов: Ако се сеќавате во претходниот период ја кажувавме оваа измама односно манипулација дека ако треба еврообврзницата да се користи и за наредната година минимум што треба да имате во буџетот или во ребалансот на буџетот на депозитната сметка ќе оставите неколку стотици милиони евра за следната година. Ребалансот којшто помина на комисија на Влада има нула средства на депозитната сметка за идната година, односно тоа се средствата коишто можете да ги користите до година. По нашите укажувања, денеска се прави манипулација, до Собранието колку што имам информација е пратено т.н дополнување на ребалансот од Владата во коешто се сместени два смешни амандмани коишто се прифатени. Но она што најверојатно мислеле дека нема да го видиме и две бројки во самиот ребаланс. Тоа значи дека го зголемуваат странското задолжување на невероватни 44 милијарди денари, односно над 720 милиони евра. Значи го зголемуваат од пред тоа на нови 150 милиони евра странски задолжувања и по тој однос ја менуваат нулата на депозити и ставаат околу 10 милијарди денари, односно 150 милиони евра. Тоа е манипулација со којашто сакаат да говорат на тоа дека се до вчера лажеа, дека воопшто размислуваат со оваа еврообврзница да покриваат и дефицит за иднтата година.