(ВИДЕО) Над 200.000 посетители на „Пивофест“ кој ја чинеше општината 50.000 евра, најмногу отидоа во џебот на Кирил Џајковски

0
1587

Годинешното 16-то издание на „Пивофест“, го посетиле над 200.000 граѓани од Македонија и од странство, а најголема посетеност е регистрирана во деновите од викендот, кога во градот влегле над 8.000 возила. Фестивалот на пивото и скарата помина во убава атмосфера, а службите задолжени за безбедноста, хигиената и редот, придонесоа „Пивофест 2018“ да помине без никакви посериозни инциденти. Ова се главните поенти од денешната прес конференција на градоначалникот Илија Јованоски и Дарко Манасијески од агенцијата „Ентфинити“.

– Јас сум задоволен од организацијата и реализацијата на годинешниот „Пивофест 2018“, и тоа од едноставни причини. Четири денови имавме добра забава, на која сите граѓани и гости одлично се забавуваа. Имаше одлична атмосфера и немаше никакви сериозни инциденти. Хигиената беше на високо ниво и уште во раните утрински часови градот беше исчистен, сите јавни претпријатија прфесионално ја извршија работата. Дури и невремето кое синоќа се случи околу 21 часот, не ги поколеба граѓаните да продолжат со забава и дружење. Сакам да упатам благодарност до организаторот на „Пивофест 2018“, агенцијата „Ентфинити“, којшто заедно со дел од вработените во Општина Прилеп го дадоа својот максимум, беа посветени на работата, за да дојдеме до крајната цел, четирите фестивалски денови да бидат успешни – изјави градоначалникот Јованоски.

Тој упати благодарност до јавните претпријатија и до останатите институции кои, секоја во својот делокруг на работа, го дадоа својот придонес во успешната организација на „Пивофест 2018“, како и до стопанските субјекти без чија финансиска помош фестивалот немаше да биде тоа што е.

За организација на „Пивофест 2018“, со одлука на Советот на Општина Прилеп, од општинскиот буџет беа издвоени 2,5 милиони денари. На денешната средба со новинарите, градоначалникот Јованоски ги соопшти податоците за хонорарите кои им беа исплатени на дел од учесниците. Согласно потпишаните авторски договори, на учесниците им е исплатена вкупна сума од 2.418.095,00 денари, а висината на хонорарите поединечно за секој од нив изгледа вака:

Дани Димитровска – 171.000,00 денари.
Кирил Џајковски – 891.222,00 денари
Тони Зен – 171.389,00 денари
Црвена јабука – 411.333,00 денари
Некст Тајм – 171.389,00 денари
Гоце Бошкоски Чоки – 34.278,00 денари
Либеро бенд – 102.833,00 денари
Дарио – 233.459,00 денари
Александра Јанева – 46.692,00 денари
Бени Шакири и Нон Стоп – 184.500,00 денари.

Градоначалникот Јованоски рече дека веќе од утре ќе почнат припремите за следното издание на „Пивофест“, при што ќе бидат земени во предвид сите идеи за внесување новитети во насока на подобрување на фестивалот, вклучително и за локацијата каде би се одржувал.

Дарко Манасијески од агенцијата „Ентфинити“, истакна дека не беше лесно да се организира една манифестација како „Пивофест“, но дека во соработка со Општина Прилеп и со повеќе други институции, целта беше постигната.

– Сметам дека граѓаните кои присуствуваа на „Пивофест“ се вратија дома задоволни. Ова е огромно искуство за нас. Научивме многу, ја научивме душата на градот, се надевам дека и сопствениците на штандовите се задоволни исто како и нас. На крајот на денот, сметам дека успеавме да направиме уште една успешна приказна – истакна Манасијески.

Што се однесува до плановите за следниот „Пивофест“, Манасијески рече дека доколку „Ентфинити“ повторно го организира фестивалот, заедно со Општина Прилеп, ќе внесат новитети и нови содржини кои ќе претставуваат освежување за манифестацијата.