(ВИДЕО) Миле Талевски : Пречистителната станица доведена во прашање заради неспособноста на Марјан Ристески

0
1515

Почитувани граѓани на Општина Прилеп,

Подолг временски период укажувавме на неспособноста на локалните власти предводени од градоначалникот Марјан Ристески, да реализираат било каков посериозен проект. Како одминува времето и како наближува 15 октомври, фактите кажуваат дека сме биле во право.

Она што денеска можеме да ви го соопштиме е дека капиталната инвестиција која редовно беше дел од сите изборни ветувања на Марјан Ристески и ВМРО-ДПМНЕ, изградбата на пречистителната станица е доведена под знак прашање!

Официјалните документи кажуваат дека договорот за проектот „Изградба на пречистителна станица за отпадни води во Прилеп“ со изведувачот, конзорциумот „Поннстрој-инженеринг ЕАД и ЕКО-проект 2.000 ООД“ од Бугарија вреден околу 9 милиони и 700 илјади евра, е склучен на 8 мај 2014 година. Согласно потпишаниот Договор, проектот требаше да заврши со градба на 23 јуни 2016 година и со една година гарантен период, заклучно на 23 јуни 2017 година.

Од причина што кон крајот на минатата година управувањето на компанијата „Поннстрој“ го презема државната Бугарска банка за развој, во договор со Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, доаѓа до пролонгирање на рокот за изградба до 31.12.2017 година, плус една година гарантен период.

Воедно, согласно Упатството на ЕУ за затворање на ИПА 1 Компонента 3, сите проекти треба да се реализираат најдоцна до крајот на 2018 година.

Тоа значи дека доколку пречистителната станица не биде пуштена до крајот на 2017 година, средствата што ќе бидат исплатени после овој датум а кои се движат помеѓу 2 и 3 милиони евра, ќе бидат на товар на буџетот на Република Македонија.

Она што е уште пострашно, е дека доколку пречистителната станица не биде изградена ниту до крајот на 2018 година, тогаш Република Македонија во ЕУ фондовите ќе треба да врати најмалку 20 милиони евра, а нашата држава дополнително ќе заработи негативна оцена во однос на искористувањето на целите на оперативната програма за ИПА 1 фондовите.

Господине Ристески, овој скандал од меѓународни размери е најдобар доказ за вашата неспособност и неспособноста на директорите на јавните претпријатија кои вие ги поставивте, да менаџирате проекти кои се од капитално значење за Општина Прилеп.

Со оглед на состојбите на терен, мали и речиси никакви се шансите да се запазат роковите за пуштање во употреба на пречистителната станица.

Од тие причини, Марјан Ристески треба лично да одговори, кој ќе ја понесе одговорноста за огромната финансиска штета која ќе ѝ биде нанесена на Република Македонија, како и за дополнителните штети во однос на лимитирањето на средствата од европските фондови кои ќе ѝ стојат на располагање на нашата држава?

Истовремено, очекуваме дека ревизорските извештаи за имплементацијата на проектот ќе фрлат ново светло врз целиот овој скандал во кој по заслуга на општинските власти е втурната и Општина Прилеп, но и Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Илија Јованоски, новиот градоначалник на Прилеп, заедно со новите менаџерски тимови на локалните јавни претпријатија ќе изработат проекти кои на Општина Прилеп ќе им донесат капитални инвестиции кои се од суштинско значење за граѓаните на нашата Општина.

После 15 октомври ќе има живот во Прилеп за сите!