(ВИДЕО) Манчевски: Сценаријата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се неуспешни

0
866

manchevskiizjava1„Целата јавност беше сведок на немилите настани околу поставувањето на двоглавиот орел и крстот во населбите Чаир и Бутел. На барање на советничката група на СДСМ и коалицијата на денешната седница имаме точка на дневниот ред, на која ќе разговараме за овие настани“, рече Дамјан Манчевски, координатор на Советничката група на СДСМ и коалицицките партнери во Советот на Град Скопје.

„Денес на седницата ќе разговараме за улогата на Коце Трајновски и советниците од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во овие настани. Особено, имајќи во предвид дека процедурата за поставување на спомениците целосно е прекршена. Споменикот и крстот се поставуваат на улиците 2-ра Македонска Бригада и Александар Урдаревски, кои се под ингеренции на градот. За овие споменици, градот воопшто нема донесено никаква одлука. Прекршени се следните законски обврски:

• Двата споменици не се дел од програмите ниту на градот, ниту на општините Чаир и Бутел.
• Во Градот Скопје, не е утврдено која е потребата за поставување на овие споменици.
• Не е донесена одлука за местоположбата на двата објекти.
• Со одлука, не е утврден ниту изгледот на спомениците.
• Градот Скопје не е информиран ниту за носителот на инвестициите.

Овие прекршоци јасно покажуваат дека двата споменика се дивоградби. Тоа самиот го призна и Коце Трајановски на последната седница за советнички прашања кога одговори дека ја информирал Државната градежна инспекција за како што самиот кажа „спроведување на соодветна постапка“.

Ако е тоа така, се поставува прашањето што бараа на промоцијата на двата нелегални објекти Коце Трајановски и советниците од владејачкото мнозинство. Зошто со своето однесување тие денови се обидуваа на вештачки начин да ги разгорат меѓуетничките тензии помеѓу скопјани?

Јасно е. Се работеше за очајно предизборно сценарио. Рејтинзите на владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ вртоглаво паѓаат. Како и секогаш, исто како и во 2014 година кога измислија проблем околу непостоечки „консензуален кандидат за претседател“, и сега се обидоа да играат на националистичка карта. Овој пат не им пројде. Преку Вистината за Македонија, граѓаните на Скопје од сите етнички заедници, и Македонци, и Албанци, и Турци, и Срби, и Роми, и Власи и сите останати, го видоа вистинското лице на власта.

Скопје да имаше градоначалник, тој ќе застанеше помеѓу двете групи, помеѓу двата објекти и ќе се заложеше за изградба на нови улици, нови мостови, нови проекти од заеднички интерес на граѓаните од сите етнички и религиозни групи. Ама за жал, Скопје одамна нема вистински градоначалник. После ова срамно и мизерно сценарио, Коце Трајановски веднаш треба да престане да ја узурпира градоначалничката фотелја и веднаш да си поднесе оставка“, изјави Манчевски.