(ВИДЕО) Зеколи: Немаме капацитет за излез од кризата без странска помош

0
1596

1181Кога ќе го погледнете капацитетот, квалитетот и менталниот склоп на лицата кои се вовлечени во политичката сцена и тоа од сите страни, укажува на тоа дека никој од нив не покажува капацитет, спремност, одговорност и свест за мисијата која треба да ја извршува како политичар, вели поранешниот дипломат Арсим Зеколи во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Зеколи, во еден исклучително тежок период во којшто се наоѓа Македонија, постои ли сè уште надеж дека работите можат да тргнат на подобро и дека конечно ќе се случи политичка разврска на кризата?

Во прашањето насетувам, како и во повеќето прашања и дијалози, една мала доза на депресија, разочараност, па дури и апатија која преовладува во општеството. Јас тоа не го нарекувам така, туку го нарекувам процес на созревање и соочување со сè повеќе димензии и длабочини на кризата, тоа не може да значи пер се нешто негативно, туку токму како созревањето, сфаќаме дека кризата е сè уште далеку од разрешница и дека има повеќе шанси дека ќе навлегуваме во други аспекти на нејзиниот развој, но со некои ново научени лекции. Посебно во ова година, иако, за жал, наликува на бурна, всушност е повторување на сите искуства, позитивни и негативни, од минатата година. Кога ќе гледате во контекст што сè се има случувано минатата година, па дури и календарски, ќе видите дека истото се има повторено и оваа година, што ми дава за право дека можеби пак ќе настапи еден период на релативен застој, смирување поради летните одмори и сето тоа повторно ќе се засили со враќањето на граѓаните во нормален тек на ненормалниот живот во Македонија.

Дали до тој толку посакуван излез може да се дојде само и единствено со помош на меѓународната зедница или конечно ќе покажеме дека сме доволно политички зрели за работите да ги земеме во свои раце?

За жал, ќе одам прво на вториот дел од прашањето дека тоа е апсолутно невозможно, бидејќи кога ќе погледнете на капацитетот, квалитетот и менталниот склоп на лицата кои се вовлечени во политичката сцена и тоа од сите страни, укажува на тоа дека никој од нив не покажува капацитет и спремност и одговорност и свест за мисијата која треба да ја извршуваат како политичари, трибуни на народот, водачи или администратори. Од друга страна, мора да расчистиме со една работа, овој однос на меѓународната заедница создава многу опасни преседани. Тие се можеби несвесни, но ние мораме да алармираме за последиците. Ќе ми дозволите да бидам малку поконкретен. Гледаме секоја недела се менуваа тури на странски дипломати и нивни домашни репрезенти кои ветуваат или даваат надеж за разрешување на кризата преку средби. Kонкретно со еден лидер кој со наши уши слушнавме како спрема криминални дејствија, изговара расистички коментари, со вториот кој е исто така докажано во очите на јавноста, конкретно во ушите на јавноста, како зборува за криминални договори, третиот кој веќе се има покажано како скаран со вистината и со еден многу флексибилен однос кон ветувањата што ги дава, а потоа не ги извршува и еден човек кој доброволно се става во улога на потрчко на тајните служби. Кога доаѓате и разговарате со тие луѓе и излегувате од состанокот со нив и зборувате за избори, за рестартирање на процеси, за враќање на демократијата и владеењето на правото, на почетокот тоа звучи сериозно, но после две години тоа веќе звучи смешно, а после извесно време веќе ги раздразнува граѓаните и нивната логика. Кој било од странските дипломати, во чии добри намери не треба да се сомневаме, но делата создаваат еден преседан на амортизација на таа оштрица на гневот и решителноста кон борбата против криминалот, корупцијата, не владеењето на правото и сето друго и создаваат еден модус операнди, еден модел по кој ќе следат и другите генерации политичари. Кога седнувате со нив, разговарате и давате изјави, небаре сте се сретнале со еден обичен политичар од Швајцарија или од Португалија, да речеме, а не со ординарни балкански измамници, со тоа веќе вие ги амнестирате, така што во сета оваа дебата за амнестијата на претседателот Иванов, многу малку се зборува за другите форми на амнестија кои се случуваат, а дел од таа амнестија е поведението на меѓународната заедница, за жал.

Господине Зеколи премногу е воочлива поделеноста кај граѓаните, особено кога зборуваме за политика. Дијаметрално различни се гледиштата на луѓето кога зборуваме за сегашната ситуација во која се наоѓаме. Па оттука и прашањето – Дали на оваа почва може да вирее трета опција?

Јас одбивам да ја прифатам таа теза за кој било народ или кое било поднебје дека е генетски, ментално или културолошки или како било предодреден да биде послушен, мирен или сервилен кон власта. Тоа е нешто што самите на себе си го имаме прикачено на врат, а не е вистина. Конкретна илустрација. Минатата година на 17 мај не беше најголемиот продемократски протест во Македонија, беше еден од најголемите продемократски протести во Европа во последните 10 години, ако се стави во однос број на население со број на демонстранти. Значи воопшто не стои тезата дека во оваа земја нема граѓани кои се решени да излезат и да се соочат на кој било начин со оваа власт. Нема лидерство и тоа е таа недостојна, недолична мимикрија на политичките партии сопствената импотенција ја префрлаат врз граѓаните. Дали таа трета опција е можна или не? Дури е потребна, бидејќи во едно нормално општество критичкиот пристап на контрола и превенција секако треба да биде 90 отсто кон власта, а 10 отсто кон опозицијата. Во вакво општество, јас би рекол дека треба да биде 70 отсто кон власта, а 30 отсто кон опозицијата, повторно превентивно и да расчистиме граѓаните не се неутрални во тој однос меѓу криминалот и владеењето на правото, тие се многу решителни, многу добро знаат што не чини. Но, тие не се неутрални кон оние кои дневно повикуваат на борба против корупцијата, а вечерно се состануваат со истите тие ликови.

Видеото и целото интервју со Арсим Зеколи може да го погледнете ОВДЕ

Извор : Радио Слободна Европа