(ВИДЕО) Заев: Следуваат најзначајните избори за Македонија

0
1180

Screenshot_310-685x320

На денешната Меѓународна конференција посветена на обезбедувањето на базичните предуслови за демократска Македонија, лидерот на СДСМ порача дека мора да има фер и регуларен изборен процес и да се избере легитимен победник признат од сите.

Како граѓаните да дојдат до вистината ако најголем дел од медиумите се партнери во злосторничкото здружување на оваа корумпирана, недемократска власт? Груевски стави најголем дел од медиумите под своја контрола и сите хорски го повторуваат истото што ќе дојде од еден штабски портал на ВМРО-ДПМНЕ, Курир.

Веќе подолг период “низдолж и попреку“ што би рекол нашиот народ сум низ Македонија и сакам да ги отвораме прашањата низ проблемите со кои секодневно се соочуваат луѓето. И преку тие проблеми да доаѓаме до одговорите на крупните прашања.

Зошто кога ќе речеме дека нема демократија, прво што на човек може да му падне на памет, а сме го добиле тој одговор – е добро де, сте запнале со таа демократија, па не се мачка на леб.

Не се мачка демократијата на леб, ама без демократија нема ни леб.

Петте илјади евра за тој човек што го сретнав во Илинден значат паркирање на неговите камиони на подолг рок, ама и дома, гладни дечиња.

Оваа сурова приказна од Илиднен, а бенигна во однос на се што се случува во нашата држава го открива жариштето на канцерот на општетството во кое што живееме.

Нема институции каде човек може да се пожали, нема правда, нема одговорност од властите како се трошат парите на граѓаните, не важи закон, нема медиуми што ќе известат за тоа.

Што има?

Има закани, уцени, притисоци, репресија, рекет. Си или не си поддржувач на власта. Може во секое време да бидеш парично казнет. Може да бидеш затворски казнет. Да ти ставаат пиштол во уста. Да ти рушат милионска инвестиција. Да те преместуваат, да те бркаат од работа, од ќеиф, за освета. Може да добиеш и закана за во ендек на тебе и семејството, слушнавме и такви намери и тоа од шеф на кабинет на Никола Груевски, тогаш премиер.

Секој е следен ТИ.

По тоа сфаќаш дека било многу посериозно отколку што некој мислел кога една судијка пред повеќе години кога беше разрешена рече: Имам возило, имам семејство, добро е ова што ми се случи.

Значи во Македонија се може да се случи и се може да ти се случи.

Тоа, почитувани присутни, го потврди проектот Вистината за Македонија со којшто го отворивме патот за поинаква индина на Република Македонија.

Местото на Македонија и на нејзините граѓани е во Еврпската Унија, рамо ро рамо со соседите од регионот.

Но во Европската Унија и е местото на демократска Македонија, онаа Македонија којашто во 2005-та година достоинствено застана пред вратите на ЕУ и побара и доби кандидатски статус.

10 години оттогаш, една мала фамилијарно-кумска група, за сопствени интереси, милионски парцели на Водно, милионски провизии, рајски фирми, на криминален и корупциски начин се одржува на власт, држејки ја во заложништво судбината на граѓаните.

При тоа бескрупулозно ги погазија основните начела на коишто почива една демократија, Уставот, законите, институциите, човековите права.

Последен доказ за тоа е апсурдот на газење на Уставот од институцијата што треба да го брани – Уставниот суд, којшто дозволи, како што знаете, помилување лица кои извршиле многу сериозни кривични дела. Меѓу нив и изборни измами.

Сите слушнавме како биле избирани судиите од “тефтерчето“ на Јанкулоска и за нас во Македонија не е за изненадување оваа одлука на Уставниот суд. Посебно не по огласувањето на Специјалното јавно обвинителство кое што отвори истрага за злосторничко здружување за изборни грабежи, повреда на избирачко право, повреда на слобода на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување избирачки материјали, злоупотреба на средства од изборна кампања – и меѓу првите осомничени е токму Гордана Јанкулоска, како тогашна министерка за внатрешни работи.

Затоа денес Македонија не е демокатија туку хибриден режим.

Затоа граѓаните живеат во режимска несигурност, како што констатира Като Инстутутот во последниот Извештај.

Затоа Република Македонија по една деценија од статусот земја кандидатка, е најдалеку од Европската Унија.

Затоа крвари повреденото граѓанско општество под рушевините на државниот систем, што оваа криминална власт со насилието со коешто владееше, го распука по сите основи, до темел.

Затоа 626.312 илјади луѓе, главно млади луѓе, ја напуштиле Македонија.

Но затоа и ги почнавме промените од коишто нема назад.

Прв базичен предуслов до демократска Македонија се фер и регуларни избори.

Мора да има фер и регуларен предизборен и изборен процес.

Мора да има легитимен победник признаен од сите.

Изборите мора да се спроведат со доверлив, чист Избирачки список. А не со илјадници непостоечки гласачи, со измислени матични броеви, сместени на непостоечки адреси, луѓе кои гласале по неколку пати, граѓани на Македонија, не само како што ги нарече Гордана Јанкулоска “човечиња“ од Пустец.

Медиумите имаат обврска да обезбедат рамноправна застапеност на политичките субјекти. Професионалните стандарди, етичкиот кодекс, нормализацијата на медиумскиот простор е обврска од Договорот во Пржино, како и обврска на сите други активни чинители во опшеството: новинарите, новинарските здружениа, медиумите, невладиниот сектор.

Следува исклучително важен период за иднината на Македонија.

Следуваат најзначајните избори во Република Македонија.

Изборот е едноставен и многу сериозен: Мафијашката власт на Груевски или демократска Република Македонија.

Не оди едно со друго.

На слободни и фер избори граѓаните мора да ја донесат одуката на кого ќе ја дадат честа да ја предводи Република Македонија.

Никола Груевски многу сака да се крие зад зборот народ и значењето на граѓаните.
Јас сум убеден, на слободни и фер избори, Груевски ќе добие референдумско НЕ од граѓаните.

Македонија ќе добие референдумско ДА за одговорна Влада што ќе ја предводи СДСМ.

Тоа е другиот базичен предуслов за демократска Македонија, одговорна Влада, којашто ќе ја преземе одговорноста за обнова на Македонија.

Алтернатива на фер и демократски избори нема.

Криминални избори, избори без демократската јавност и опозицијата, се мрачно сценарио за Македонија што го посакуваат антидемократските струи предводени од Никола Груевски.

Тие кои се обидуваат деновиве на сите начини да видат спас за себе, па дури несовесно поттикнувајки меѓуетнички конфликт.

Нема да успејат. Се освестија граѓаните.

Нема да биде лесно.

Но СДСМ како најголема опозициска партија е подготвена да ја преземе одговорноста за нормализација на институциите во Република Македонија и за напредок во евро-интеграциските процеси.

Парите што ги украдоа од граѓаните, ќе ги вратат.

Секој кој работел или учествувал во злоделата на оваа власт, ќе си ја понесе одговорноста.

Социјалдемократскиот сојуз е подготвен и за избори и за уште една историска улога, овој пат да ги предводи демократските процеси.

А жителите на Илинден, како жителите на Струмица можат да живеат мирно, да дишат слободно и да живеат квалитетно, без разлика на различностите по каква било основа.

Нашата цел е општество со силна средна класа, тоа значи пристоен живот за мнозинството граѓани на Република Македонија, еднаквост меѓу граѓаните, праведни даноци, повеќе работни места и подобри плати. Ако ја обезбедиме економската стабилност на граѓаните и на семејствата, економски ќе ја стабилизираме и државата.
Само во такво општество, со економска сигурност на граѓаните тие ќе можат да се чувствуваат слободно, да бидат слободни, да се заложуваат, да ги бараат и да ги бранат своите права. Имаме многу сериозна Програма со конкретни мерки и чекори како ќе постигнеме слободна, демократска, економски стабилна Македонија.

Затоа, повикувам на исклучителна зрелост од сите и на индивидуална посветеност во следните месеци, бидејки во прашање е иднината на Република Македонија.