(ВИДЕО) Заев: СДСМ има решение за проблемот на рударите од Тораница

0
1304

Ниту обилните врнежи дожд, не ги поколебаа кривопаланчани да излезат во голем број и да дадат огромна поддршка на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој денеска е во посета на Крива Паланка и околните населени места.

Граѓаните од Крива Паланка како главни проблеми ги потенцираа иселувањето на младите, невработеноста, нискиот животен стандард, лошата инфраструктура… Сите очекуваат промена на власта за работите да се променат на добро.

– СДСМ има тим, има програма, има вистински решенија за секојдневните проблеми на граѓаните. Заеднички ќе ја димнезионираме иднината на нашата Македонија. Преку мерките во Програмата ќе обезбедиме просечна плата од 29.000 илјади денари и ќе направиме секој граѓанин да има основни услови за живот за да се чуствува сигурен во сопствената држава. Така младите ќе ги задржиме дома. За младите ќе обезбедиме и неповратни средства во висина од 10.000 евра за отпочнување сопствен бизнис. За пензионерите ќе ја зголемиме и ќе ја прилагодиме пензијата со трошоците за живот, потенцираше претседателот Заев.

Претседателот Заев се сретна и со отпуштените рудари од рудникот Тораница и со стечајните работници од овој регион, коишто побараа решавање на нивните проблеми, бидејќи како што кажаа, едвај врзуваат крај со крај.

– Не е проблемот во оваа држава диоптријата на студентите. Реалните проблеми на над 500 семејства од Тоараница, коишто немаат основна егзистенција, досега требаше да се реши. СДСМ има решение на проблемот. Новата влада предводена од СДСМ во првите 100 денови ќе го изгласа Законот за стечајните работници и ќе го реши проблемот со рударите, преку државен интервенционизам и стимулирање на вистински инвеститор. Мораме на овие луѓе да им помогнеме и да им ги вратиме честа и достоинството, рече Заев.

-Промените почнаа и враќање назад нема. Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ќе станат минато и ќе одговараат за секој криминал што го направиле. Сите пари што ги украдоа ќе ги вратат назад кај граѓаните. Промените доаѓаат и ништо не може да ги спречи. Заедно со вас ја враќаме слободата, правдата и демократијата, рече Заев пред паланчани.

Пред присутните тој напомена дека мора да се прочисти и хаосот во избирачкиот список и конечно да се постигне договор за регулирање на медиумите.

На Македонија и се потребни фер, демократски и слободни избори каде што волјата на граѓаните ќе биде испочитувана во целост, дециден беше претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

За време на посетата на граѓаните од Крива Паланка и околните населени места, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, беше придружуван од членот на ИО на СДСМ и дополнителен заменик министер за земјоделство, Љупчо Николовски.