(ВИДЕО) Заев на новинарски прашања: Даваме шанса на разговорите во следните 10-ина дена

0
1344

Одговори на новинарски прашања на Зоран Заев, претседател на СДСМ:

[youtube height=”500″ width=”600″]https://www.youtube.com/watch?v=Y_ShdyVMsnc[/youtube]

П1: Господине Заев, дали ќе има и други вакви објави за албанските партии? Првото прашање ми е тоа. Второ, дали го видовте протестот, сеалбанскиот протест којшто го организираше едно од движењата на Албанците во Македонија, којшто протест според нив беше успешен?  И која е вашата порака од тој протест бидејќи досега не му е дадена некоја тежина ? 

Во делот на тоа дали постојат и други материјали за објавување знаете дека постојат.  Ќе продолжиме се додека има потреба со целото трпение коешто го имаме, ќе продолжиме додека не добиеме организација на влада којашто ќе ги подготви и организира следните исклучително важни фер, демократски и регуларни избори. Се што постои материјал ќе го објавиме.

Во делот на второто прашање, за протестот којшто го организираа под повикот на БЕСА, можам да кажам дека секој протест е демократски дозволен, ние го користиме како опозиција, заедно со граѓаните за Македонија, посебно кога е насочен кон целта Груевски и Али Ахмети да заминат од власт. Секако мојата поддршка ја има и тој протест и поддршката на опозицијата. Единствено што не ме бендиса е тоа што провејуваше само албанското знаме. Тоа е игра на картата на национализмот на Груевски и Али Ахмети. Ако тие луѓе што протестираа против нив, меѓудругото и во своите говори ги споменуваат зборовите дека и на нив им е преку глава од вакви национализми, тоа мораше да го покажат.  Но, нови се дечките, млади се, се надевам ќе учат, нека градат политички кариери, разноликости во Македонија треба, нека ги има и ги охрабрувам да продолжат, но мудро, за нашата заедничка татковина Република Македонија.

П2: Господине Заев, вчера рековте дека давате уште 10-тина дена за преговорите да почнат и да се дојде до некакво решение. Рековте дека и 6 месеци пред избори Груевски треба да си замине од премиерската функција, дали е тоа на некој начин последната ваша понуда во овој формат на преговорите? 

Го цитирате мојот дел сигурно од синоќешното интервју на една телевизија. Еве ако не е јасно, Социјалдемократскиот сојуз техничката влада ја бара од 27-ми април 2014 година и тоа го бараме со причини. Од Универзална сала испорачавме многу прецизни барања, јасни, конкретни каде што велевме од шест до девет месеци преодна влада. Шестте месеци најверојатно излегоа од вчера од соопштението после средбата со министерот за надворешни работи на Бугарија. Разговорите коишто се одвиваат, веќе три пати, со посредништво на Европската унија и на другите дипломати, се темелат на принципи. Се темелат на многу важни прецизни детали коишто мора да доведат до конечната цел изборите на крајот на април да бидат признаени, меѓусебно честитани и тоа е целта кон којашто мораме да се стремиме сите.  За да тоа го постигнеме, многу е важно од денеска како ќе го поставиме целиот процес. Во тој процес нашите принципи и врзување со термини се многу едноставно разбирливи. Ќе спомнам неколку. Мораме да ги изградиме институциите до ниво на нормалност, да ги вратиме демократските надлежности во самите институции, демократското нивно функционирање, корективните механизми да бидат вратени, за да може сите заедно конечно преку тоа да ја осигураме слободно изразената волја на граѓаните на избори. Соодветно на тоа се поврзани и роковите коишто ги бараме, врзани со тие принципи. Ако проверката на Избирачкиот список е неопходно потребна, потребни се и соодветни месеци да се направи. Тогаш е неопходно потребна веродостојноста, конечната потврда да биде потврдена од сите нас а не само од Влада на чело со Груевски, за да може да му веруваме на тој Избирачки список и конечно да нема дилеми. Ако го отвориме Избирачкиот законик, а тоа го дефиниравме веќе во разговорите, тој ќе отвори многу важни процеси важни за иднината и демократизацијата на Македонија. Ќе разговараме најверојатно за дијаспората, ќе разговараме за изборните единици, шест, три, една, ќе разговараме за отворени или да продолжиме со затворените листи, ќе разговараме за многу важни работи внатре, кој тоа повторно ќе го гарантира? Груевски и оваа иста влада? Сето она коешто го аргументираме на сите овие преговори е конкретно врзано со прецизни детали, искуствени податоци, коишто реално ја потврдуваат позицијата на опозицијата и на Граѓаните за Македонија.

Оттука, сето она коешто на тие разговори, еве ако продолжат, а очекуваме да продолжат, бидат јасно прецизирани, гаранциите за овие прецизни детали или чекори коишто треба да се преземат за да ја осигураме  конечната цел, и не да верува Заев, Груевски, Ахмети или Тачи, туку граѓаните да почувствуваат, да веруваат тие, дека тие се конечните коишто ја носат одлуката. Дека слободно ќе ја кажат својата волја и конечно политичарите ќе стрепат од нив, од граѓаните. Тоа мора да го постигнеме. Се друго меѓусебно ќе се лажеме, ќе ја лажеме и меѓународната заедница, ќе ја лажеме и домашната јавност. Затоа зборувам премногу внимателно исклучиво позитивно. Дојдовме до таа фаза каде што сега е моментот да ги направиме чекорите исклучиво во интерес на Република Македонија. Тоа зависи од сите нас коишто седиме таму на масите. Затоа е врзано со термините. Ова не е ултиматум, во преговори не се влегува со ултиматум. Во преговори на основа на конкретни детали, на конкретни податоци, се разговара и преговара, се вадат на маса и на крајот дај Боже да се постигне договор. Тоа е тоа коешто го очекуваме сите, ако имаме сите ултиматуми од коишто не мрднуваме, секако не треба ни да одиме на преговори. Но, преговорите пак имаат смисла ако ја дадат конечната цел за којашто сме седнале на маса и разговараме.

П3: Дали имате сигнал од некого за продолжување на разговорите или како и да ги наречеме и до кога ќе чекате за вие да бидете иницијатор на тие? 

Ако ги погледнете агендите на Европската комисија и на Европската унија ќе видите дека до крајот на месецот има многу важни состаноци од коишто произлегуваат и обврски на нашата Македонија пред тие институции, пред тие комисии и пред тие форуми коишто ќе одлучуваат. Заради тоа што пред нив аплицираме за полноправно членство во Европската унија и заради тоа што тие го менаџираат целиот овој процес на преговори. Согласно тоа и ги дефиниравме кратките рокови, да се обидеме да постигнеме нешто, токму заради тие состаноци. Овој месец, 25-ти и 26-ти е Советот на министри на Европа. Убаво е до тогаш ако имаме напредок да имаме резултати. Ако не да не се мачиме повеќе, да ги отвориме сите други демократски механизми коишто ни постојат на нас на располагање а тоа се секако, потврдувам, повторно мирни и ненасилни механизми коишто Уставот и законите ги дозволуваат за нас како опозиција. Затоа дефиниравме 10-тина дена, токму од таа причина тргнавме и се надевам дека во брзо време ќе се случат иницијативите.  Вратите во Брисел на завршетокот на состанокот ги оставивме отворени што значи иницијатива може да дојде од секој оној којшто присуствуваше таму на самиот состанок. Тоа може да дојде и од Заев и од Груевски, може да дојде и од амбасадорите, може да дојде од комесарот Хан,  може да дојде од некој од албанските партии, нивните лидери или слично. Јас се надевам дека следните денови веќе ќе се одржат некои средби за да може да кажеме за чекориме кон целта, да постигнеме конечен договор  или не, или воопшто не се ни обидуваме. Убаво е кога си задаваме пократки рокови заради тоа што секако мачнотијата е присутна во државата, таа се чувствува насекаде во секоја пора на општеството и тука е дополнително одговорноста кога веќе толку време сме потрошиле на разговори на крајот да се обидеме конечно со последниот чекор да успееме да се договориме.

П4: Имате ли некакви информации за подиректно вклучување на Викторија Нуланд? 

Заменикот секретар на Стејт департментот доаѓа во регионот. Најверојатно при посетата на регионот, што е огромна чест, ќе ја посети и Македонија, таа посета е договорена уште пред некој месец, кога никој не можеше да претпостави дали ќе има успех во преговорите под раководство на комесарот Хан и на Европската унија или не. Но, не ја исклучуваме можноста, секако ако е тука и ако има добра намера да се вклучи, да помогне во процесот. Таа е добредојдена за нас како страна иако потврдив дека реално очекувам до крајот на овој месец или во следните 10-тина дена да се обидеме да најдеме разговор или повеќе немаме што да се мачиме.