(ВИДЕО) Заев: Груевски не смее да формира влада!

0
1503

Прес конференција на претседателот на СДСМ, Зоран Заев:

Почитувани граѓани,

Уште еднаш ја честитам историската победа на граѓаните на Македонија на парламентарните избори.

Заедно поразивме режим – граѓаните избраа живот во Македонија!

Промените во Македонија продолжуваат. Сакам да повикам мудро, одлучно, одважно, да ја почитуваме мнозинската изборна волја на граѓаните за живот наспроти режим:

Мнозинството граѓани на Македонија гласаа за живот, за слобода, за демократска Македонија.

Мнозинството граѓани се изјаснија дека не сакаат криминалци да владеат.

Мнозинството граѓани избраа промени.

Заедно постигнавме резултат којшто е пример во светски рамки и за којшто ќе се пишува во учебници – поразивме режим со пенкало и глас!

Ја обединивме мултиетничка Македонија.

Режимот не смее да формира Влада.

Им порачуваме на сите партии што добија пратенички мандати од граѓаните, освен ВМРО-ДПМНЕ, да не помислуваат да ја поништат јасно изразената волја на мнозинството граѓани на Македонија, волјата за промени.

Никола Груевски не смее да формира Влада во Република Македонија.

Бидејќи првичните неофицијални резултати ги збунија граѓаните, укажувам дека конечните резултати допрва следуваат.

Постојат разлики во резултатите од записниците на избирачките места и резултатите што ги објави ДИК за истите тие избирачки места. Само ако се корегираат овие бројки, СДСМ има поголем број мандати во И.Е 6, со што соодносот на добиени мандати е 50 : 50. Поради констатираните нерегуларности, за коишто известија и набљудувачите на изборите, ќе поднесеме и приговори, така што вистинската слика за бројот на добиени мандати ќе ја дадат конечните резултати.

Независно од овие пребројувања што се во тек, едно е кристално јасно. Граѓаните се изјаснија дека повеќе нема место за политичари како Никола Груевски. Сакаат добар живот, сакаат независни институции, сакаат праведна и правична држава, сакаат Македонија за сите граѓани и тоа ќе се случи.

Доаѓа живот за сите во Македонија, и оние кои беа принудени да гласаат спротивно на својата волја, многу брзо ќе почувствуваат што значи да се живее во слободна и демократска Македонија.