Имам посебна чест од градот по Марковите кули, да ја повикам цела Македонија, но и прилепчани, да се приклучат на утрешниот голем граѓански митинг во 18 часот, кој ќе се одржи пред Владата на Република Македонија во Скопје, изјави денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
– Тоа ќе биде голем граѓански митинг, за да повикаме конечно за слобода, демократија, правда, за конечно враќање на животот во Република Македонија.
Навистина овој историски момент треба да го зграпчиме и да го искористиме. Убаво е да се присуствува на ваквиот мега настан, каде што сите, буквално, ќе почнеме да ја славиме слободата и да се радуваме на животот кој го враќаме во Македонија. Убеден сум дека е вредно да учествуваме сите и да бидеме дел од овој голем собир.
Ве повикувам, да испишеме заедно убава историја за нашата заедничка иднина, во нашата Република Македонија – рече Заев повикувајќи ги прилепчани на утрешниот митинг во Скопје.
Тргнувањето од Прилеп е во 14 часот, од повеќе локации во Прилеп.