(ВИДЕО) Заев: Ако не се избере обвинител до 15 септември, договорот од Пржино не важи, НЕМА ДА ИМА ПАЛОМА ДОГОВОРИ!

0
1328

Изјава за медиуми на Зоран Заев, претседател на СДСМ:

На 28 мај лани од ова место порачав дека Никола Груевски мора да ја преземе одговорноста за спроведените криминални избори.

Најавив Платформа за вонпарламентарно дејствување против режимската власт, со јасна цел, враќање на демократските институции и создавање услови за одржување слободни и фер избори.

Соопштив дека предвремени парламентарни избори се можни оној момент кога ќе се обезбедат гаранции за минимум услови за слободно изразување волја на граѓаните, а СДСМ и опозицијата ќе бидат дел од гаранциите.

Побарав реализација на барањето на СДСМ и опозицијата за формирање преодна влада, што го испорачавме во моментот на затворањето на гласачките кутии, во 19 часот, на денот на криминатните избори, на 27 април 2014 година.

Најавив дека една од клучните цели ќе ни биде земја што ќе гарантира слободни и демократски избори, преку владеење на правото и почитување на темелните уставни вредности.

Z.Zaev2

Побаравме и договор по уште неколку други точки, одвојување на партијата од државата, прецизирање на Избирачкиот список, регулација на медиумите.

На тој 28 мај минатата година, кога ги соопштив овие ставови, главните прашања беа дали опозицијата ќе успее да опстои надвор од Парламентот, беа сомнежите дека власта ќе притисне или ќе купи некои наши пратеници, дека ќе избере своја опозиција во Собранието…

Останавме непоколебливи и одлучни.

Само една година потоа Никола Груевски прифати сé што одрекуваше: прифати своја оставка, прифати преодна влада, прифати нов јавен обвинител. Обврска станаа забелешките од ЕК во Извештајот на Прибе, коишто ги потврдија сите состојби за коишто говоревме, пред сé за да се обезбеди независно правосудство преку поглавјата 23 и 24. Потоа доверлив Избирачки список и изборно законодавство, регулација на медиумите, ослободување на регулаторните тела од пипците и контролата на власта.

Денес, година и три месеци подоцна, еве сум повторно овде, еве ги повторно со нас нашите пратеници, со кои се гордееме, за да ги најавиме следните чекори, откако успеавме во целта, договор за создавање услови за фер и демократски предвремени парламентарни избори, во чијашто реализација гарант ќе биде и опозицијата.

Со ова потврдуваме дека го почитуваме потпишаниот договор од 2 јуни / 15 јули.

Z.Zaev1

Најавувам дека пратеничка група на СДСМ и коалициските партнери, којашто целиот овој период работеше на терен со граѓаните, продолжува да дејствува во Парламентот, за да го обезбеди спроведувањето на постигнатиот договор од 2-ри јуни / 15 јули:

-До 15 септември да се избере специјалниот јавен обвинител кој согласно Уставот и законите ќе обезбеди владеење на правото, ќе ги преземе материјалите од прислушувањето и потребните дејствија за делата што произлегуваат од нив

-До 20 октомври да се избере преодната Влада

-Да се направат потребните законски измени за правосудството, изборното законодавство,  целосно нов Избирачки список, во медиумската сфера

-Да ја изгласаат оставката на Никола Груевски од премиерската функција

-Да се избере нов премиер кој со новите министри и заменици министри од редовите на опозицијата во преодната влада ќе мора да обезбедат гаранции за фер и демократски избори.

Првата обврска е специјален јавен обвинител до 15 септември. Мора да се реализира.

Во спротивно договорот нема да биде валиден. Материјалите што ги поседуваме од прислушувањето на власта, нема да имаме кому да ги предадеме и ќе мораме да продолжиме да ги споделуваме со јавноста.

Нема да има нови “палома договори“.

Правдата, слободата, демократијата, вистината, мора да бидат институционално потврдени.

Со влегувањето во Собранието, СДСМ и опозицијата ја потврдуваат сериозна определба да се надмине политичката криза, да се вратат демократските процеси и да се нормализира државата. Ова се целите од коишто, нема да отстапиме. Под какви било околности, ова што го ветивме на граѓаните, ќе го постигнеме.