(ВИДЕО, ДОКАЗИ) ГРУЕВСКИ ЛАЖЕЛ ЗА НЕГОВИТЕ ПАРЦЕЛИ НА ВОДНО И ЗА КОСМОС

0
1364

Целокупната јавност во земјава, во Европа, па и пошироко, ја следи актуелната состојба во Република Македонија, сите случувања и сите докази што откриваат огромни и незапаметени злоупотреби од страна на една власт, како што тоа го правела во случајов, власта на Никола Груевски.

Стана јасно кои се виновниците за деветгодишното чмаење на државата – дека Македонија и нејзините граѓани се заложници на тесна група, којашто владее за личен интерес, на Груевски и неговата криминална дружина.

Да се случеше ова во која било друга земја, макар и со минимум демократија, комплетната власт ќе си дадеше оставка, ќе се извинеше на граѓаните и ќе се повлечеше од политичкиот живот.

Но тоа можат да го сторат само доблесни луѓе,  кои имаат минимум совест и морал.

Груевски не само што не е таков човек, туку тој, за да ја спаси сопствената кожа, како што може да се увериме, продолжува најдрско да лаже, да манипулира, па дури се осмелува да се заканува.

Тој најде да зборува за повикување на одговорност и да се заканува?!

Тој Груевски кој со неговите неколкумина соработници, здружено, исклучиво за лични цели и интереси, кршел Устав, закон, се изживувал врз луѓе и судбини…

Сега врти низ Македонија играјки на две карти, со молби: “не сум јас таков, стекнав искуство, дајте нова шанса“ и со закани, ако ова, за што моли, не му биде прифатено. А не му поминуваат заканите и самиот знае.

Не сака да разбере Груевски дека нема повеќе ни верба ни доверба народот во него, поради `се што им правел на  граѓаните на Македонија и на уште над 450.000 луѓе, кои поради неговите политики и злоби, морале да си ја напуштат родната грутка. Му остана само изнудената поддршка од оние кои зависат за парче леб и оние кои имаат финансиски интерес од неговото опстојување.

Ние ветивме дека на Никола Груевски повеќе нема да му дозволиме ниту да го лаже народот, ниту да манипулира со граѓаните, ниту да краде, дека ќе го разголиме во целост неговото вистинско, сурово и криминално однесување.

Ќе слушнете денеска конкретно како Груевски лаже, за скандалите што се обиде да ги негира.

Еве во ова соопштение, зад коешто се сокри Груевски од граѓаните, тој се осмели да “демантира“ дека немал градежни плацеви и имот за коишто граѓаните не знаеле.

Денеска ќе објавиме разговори коишто откриваат како Груевски го демантира Груевски.

Сите 6 аудио снимки во продолжение, се помеѓу Никола Груевски и неговиот извршител Миле Јанакиески.

Во нив, Груевски лично, прецизно, договара со Јанакиески каде и колкава ќе биде парцелата на Водно, на име на фирмата од Белизе, каде што управител е неговиот кум – за којашто бара: “да се прошири нагоре“, се интересира за “највисоката точка“, сака никој да нема “над него“, бара “пат“ што води до оваа парцела, тргува со плацеви, блиску до куќата на Тодоровиќ на Водно, како му е важно и `се да се среди “до април“, итн…

Слушнете.

Ако ова не е Никола Груевски, тогаш кој Груевски е? Не, ова е Никола Груевски по чиј налог зеленило и рекреативни појаси на скопјани на Водно, станале градежно земјиште. Од новиот Детален урбанистички план што Груевски насила сака да важи, се гледа дека станува збор за план за објекти, само на име на фирмата од Белизе, од 14.500 м2 развиена површина, коишто по денешна пазарна цена на чинење на Водно, ќе тежат над 17.000.000 евра!

За нечесниот Груевски, еве уште еден пример. Се сеќавате на одговорот на Груевски за злосторството што го направил врз милионската инвестиција, капиталниот објект “Космос“ за одмазднички цели?

Еве ја неговата изјава

Една народна поговорка вели: “Кој лаже, тој и краде“, но за крадењето во друга прилика.

Слушнете сега нови два разговора со коишто Груевски го демантира Груевски, овојпат за Космос.

Во овие разговори Груевски му признава на Јанакиески дека го лажел Фијат Цаноски дека му нашле грешки во градбата, а Миле Јанакиески уште предлага “да му најдат маана“ за целиот товар да падне на грбот на Фијат Цаноски против кого е насочен одмаздничкиот чин. Сето ова е со цел за да се спаселе од одговорност градоначалниците на Гази Баба и на Скопје, Тони Трајковски и Коце Трајановски, бидејки тие му дале одобрение за градба на Цаноски согласно закон, да го гради објектот што му го рушат Никога Груевски и Миле Јанакиески.

Груевски е фатен во стапица. Тој безочно лаже. Човекот има проблеми. Образот му станал ѓон. Но како и секој ѓон така и неговиот има свој рок на траење. А штом во ѓонот влезе шилото, како сега шилото на вистината, тој станува неупотреблив.

Почитувани граѓани,

Ете ова е “чесноста“ на Груевски и ова се неговите квази заложби за преродба на државата.

Ниту чесност, ниту преродба, ниту посветеност за доброто на граѓаните. Со години ја лажел цела Македонија. Бил алчен и уништувал човечки судбини.

Готово е Никола Груевски!

Немој повеќе да ја измачуваш Македонија.

Дај си оставка и остави ги соработниците да го направат истото.

Ќе следуваат докази за уште многу незаконски и криминални работи. Крај нема на нечесните и валкани игри. Досегашните телефонски разговори и оние што ќе следуваат во наредниот период, се дебела причина, не само за поднесување оставка, туку и за заминување на Груевски и на групата околу него, од политичката сцена.

Почитувани граѓани,

Испишани се најгрдите страници од историјата на Македонија.

Нема да дозволиме да се допишуваат нови грди страници.

Нема да дозволиме ова никогаш повеќе да се повтори.

Продолжуваме…