(ВИДЕО) Град Скопје ќе гради тунели под скопското Кале и кружен тек за да се поврзат бул. Климент Охридски со бул. Никола Карев и Македонско-Косовска бригада…

0
1419

Со инфраструктурниот проект се опфатени трите фази за изведба на сообраќајницата во фази, и тоа: Прва фаза – изградба на булевар Свети Климент Охридски од пред раскрсницата со булеварот Илинден со изградба на мост и вијадукт до тунелот;

Втора фаза – изградба на тунелот под Кале и трета фаза – булевар Свети Климент Охридски и раскрсница со булевар Никола Карев и булевар македонско – Косовска бригада, со денивелиран кружен тек.

– Согласно со договорот, изработката на основниот и на инфраструктурниот проект очекуваме да заврши до крајот на оваа година, со што се создаваат услови во текот на следната година, по завршувањето на постапка за избор на понудувач, да се почне и реализацијата на овој клучен сообраќаен проект. Со ова сообраќајно решение на граѓаните на Скопје ќе им биде овозможено од Водњанска до Чаир со автомобил да стигнат за помалку од 5 минути. Со постојната сообраќајна инфраструктура за оваа релација мораа да потрошат во најдобар случај помеѓу 15 и 20 минути движејќи се преку раскрсницата кај Мавровка и Бит-пазар, каде што според нашите податоци дневно поминуваат меѓу 70.000 и 80.000 возила – кажа Шилегов.

Шилегов додаде дека очекува за реализацијата на овој проект Градот Скопје да добие и финансиска поддршка од централната власт со цел изградбата на мостот, тунелите и кружниот тек да завршат во најкраток можен рок.

– Со ваквите сообраќајни решенија ја зголемуваме мобилноста и го намалуваме сообраќајниот метеж, а со тоа и го скратуваме времето на движење на возилата и го намалуваме времето на стоење во место, што директно влијае на намалувањето на аерозагадувањето и зголемувањето на безбедноста во сообраќајот. Скопје заслужува вакви модерни сообраќајни решенија, а оваа градска администрација може и мора да им го обезбеди тоа на граѓаните – додаде Шилегов.