(ВИДЕО) Гоце Марковски: Реагирав затоа што додека помагаме, Груевски парадира меѓу поплавените

0
2128

Гоце Марковски кој вчера беше нападнат од еден од придружбата на Никола Груевски, вели дека неговата реакција била поради револт, бидејќи додека тие како волонтери се обидувале да им помогнат на граѓаните, Груевски, како што вели, парадирал покрај нив, пренесува 24 Вести.

Марковски вчера беше удрен со тупаница бидејќи гласно го критикувал Груевски, а инцидентот се случил во присуство на министерот за внатрешни работи Митко Чавков. Марковски вели дека воопшто немал намера да провоцира.

Политичката партија Левица го осуди вчерашниот настан и воедно ја оценуваат како бесрамна реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ, дека Гоце Марковски бил тенденциозно испратен од опозицијата да провоцира.

„Многу членови на Левица се на терен и им помагаат на граѓаните погодени од поплавите и од негрижата на режимот. Нашиот член кој беше нападнат е еден од оние наши членови кои најмногу се вложуваат во помагањето на жителите на погодените села. Нека лицето Н. Г. земе пример од него, нека престане да парадира и нека даде конкретна помош“, се наведува во реакцијата.

Токму шетањето на Груевски низ поплавените подрачја и во негов стил со телефон в рака да ги решава проблемите се чини предизвика револт и реакции од граѓаните погодени од невремето.

И денеска дел од министрите пред некои од телевизиските камери му даваа отчет на нивниот партиски лидер Груевски, а деновиве до него постојано се премиерот Емил Димитриев, дел од министрите и градоначалниците кои го слушаат додека им дели задачи.

Поради ова во јавноста имаше бројни реакции дека Груевски како лидер на партијата ја злоупотребува состојбата со поплавите и со нееговите настапи практично ги заобиколува и девалвира институциите.


UNKOVSKA ZA TEPANJETO NA VOLONTEROT MARKOVSKI… by 24vesti