(Видео) Германија порача: Независна истрага за коруптивните скандали од „бомбите“

0
1077

Преку специјалниот делегат на германското МНР за Југоисточна Европа, Турција и ЕФТА, Ернст Рајхел, денеска Германија уште еднаш порача дека е потребно да се спроведе независна и транспанрентна истрага која ќе ја утврди одговорноста за коруптивните скандали што ги обелодени опозиционата СДСМ преку објавувањето на своите „бомби“, пренесува А1он.

rajhel-685x320

За време на својата посета во Македонија, Рајхел разговарал со вицепремиерот, Фатмир Бесими, со министерот за надворешни работи Никола Поповски, со лидерите на ДУИ и СДСМ, Али Ахмети и Зоран Заев. Беше најавено дека медиумите ќе можат денеска на пладне неговата изјава да ја проследат пред Владата, но во последен момент локацијата беше променета со германската амбасада во Македонија.

– Оставките на владините министри и директорот на безбедност, можат да бидат важен чекор за враќање на довербата на јавноста и со цел да се посвети внимание на суштинските проблеми кои излегоа на површина. За ова да биде можно секако треба да се преземат други натамошни мерки. Во моите разговори со политичките лидери посочив дека мора да се земат предвид обвинувањата за сериозни прекршоци на владини претставници коишто произлегоа од објавените телефонски разговори. Очекуваме независни и кредибилни судски истраги за обвинувањата коишто беа изнесени, вклучително и обвинувањата за коруптивни однесувања, влијанието врз судството, како и на интегритетот на изборниот процес. Апелирав да бидат преземени конкретни мерки кои ќе го адресираат недостатокот на институционална и медиумска независност – истакна Рајхел.

[youtube height=”500″ width=”600″]https://www.youtube.com/watch?v=26MkxhaCpSc[/youtube]

Додаде дека судството, медиумите и сите составни делови на општеството ќе треба да се вклучат за Македонија да се врати назад на колосек кон вистински демократска и слободна иднина во евроатлантското семејство.

– За излез од оваа сериозна криза ќе биде потребно власта и опозицијата да покажат одговорност и да ја поделат одговорноста. Поради оваа причина ја поздравуваме вчерашна средба на партиските лидери во присуство на ЕУ и САД. Се надеваме дека овие средби ќе водат кон договор кои ќе ја вратат довербата во институциите и во демократските процеси – порача Рајхел.

Во пресрет на протестите најавени во недела и понеделник, тој додаде дека Германија целосно го поддржува фундаменталното демократско право на граѓаните за мирен протест и повика до сите страни да се воздржат од насилство.