(ВИДЕО) БУЈАР ОСМАНИ ОТКРИ КАДЕ Е ПРОБЛЕМОТ ВО ПРЕГОВОРИТЕ: Проблеми создаде преточувањето на идеите во текст, но процесот за името стигна до точка од која нема враќање

0
1095

Во интервју за „360 Степени“ вицепремиерот Бујар Османи по неговата дводневна посета на Брисел зборуваше за тоа дали преговорите за името се поблиску до решение или до пропаѓање.

– Мое чувство е дека поголеми проблеми создаде преточувањето на идеите во текст бидејќи не секогаш текстот се чита подеднакво од сите страни и правните последници коишто потоа произлегуваат од вордингот на документот којшто треба да се потпише. Затоа ова чувство во јавноста дека наеднаш имаме добри можности за завршување и наеднаш чувство дека нешто работата не оди. Тоа е токму поради овој факт што досега се разговараше за принципи и како треба да изгледа договорот, но кога влегувате во преточување на идеите и принципите во конкретни легално-обврзувачки чекори, е тогаш ситуацијата нормално дека станува деликатна, тешка, предмет на различни интерпретации. Затоа сметам дека има простор да бидам оптимист – рече Османи.

Османи го коментираше и ставот на македонското МНР за тоа дека поважно е да имаме квалитетен договор отколку тој брзо да биде постигнат. Тој се согласи со ова, но рече дека и брзината е важна, доколку сакаме да ги фатиме роковите за НАТО и ЕУ.

– Важно е дека волјата за успешно завршување на процесот на двете страни останува непроменета. Треба да се продолжи со меѓусебната доверба, фокусот во овие најтешки делови од процесот, и јас го гледам тој простор – рече Османи.

Тој рече дека во текот на преговорите добил впечаток дека процесот стигнал до точка од која нема враќање.

– Може да потфрлиме во делот на постигнување на целите од потпишување на договорот, а тоа е поканата за НАТО и за започнување на преговори со ЕУ, а не неуспех во смисла дека ги прекинуваме преговорите, нема решение, продолжуваме секој на свој пат. Значи, тука е разликата за неуспешен исход, дали ќе биде навремено, или ќе биде откако ќе поминат роковите – рече Османи.