(ВИДЕО) Бочварски : Владата и парламентарното мнозинство ги реализираат мерките за повисоки пензии и зголемена минимална плата

0
1631

Прес конференција,
Благој Бочварски, потпретседател на СДСМ
Скопје, 19.08.2017

Почитувани,

Владата предводена од СДСМ и парламентарното мнозинство остануваат посветени на остварување на мерките и проектите содржани во предизборната програма на СДСМ и Програмата на Владата. Во таа насока, Владата и парламентарното мнозинство, со сиот свој капацитет работат на реализација на планираното зголемување на минималната плата и на покачување на пензиите.

Пречките и блокадите во Собранието се отстрануваат и наскоро сите работници ќе имаат законски загарантирана минимална плата од 12 000 денари. Тоа ќе важи и за илјадници вработени во индустријата за текстил, кожа и обувки кои повеќе нема да бидат дискриминирани и да земаат минимална плата од 9000 денари, како што е случај сега. Оваа мерка е усогласена со работодавачите и е поддржана од синдикатите, а Владата преку средства од Буџетот ќе им помогне на претпријатијата да ја исплаќаат законски предвидената минимална плата.

Освен поголема минимална плата и воедначување на минималната плата во сите стопански гранки, Владата предводена од СДСМ ги зголемува пензиите и ги усогласува со трошоците за живот. Претходната влада, предводена од ВМРО ДПМНЕ, при носењето на Буџетот за 2017 година немала предвидено никакво покачување на пензиите. Со донесувањето на ребалансот на Буџетот за 2017 година од страна на парламентарното мнозинство и актуелната влада, обезбедени се средства за усогласување и исплата на пензиите до крајот на 2017 година. Оваа година, пензионерите ќе добијат дополнителни, над 2000 денари на досегашната пензија, за разлика од минатогодишните 600 денари што ги издвои владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Владата предводена од СДСМ и парламентарното мнозинство продолжуваат да работат одговорно, транспарентно и во интерес на граѓаните. Програмата што носи добро за сите граѓани и за која што гласаше мнозинството се реализира посветено, отчетно и во интерес на сите граѓани на Република Македонија.