(ВИДЕО) Борисов : Гоце Делчев е балкански Че Гевара

0
1358

Бугарскиот премиер Бојко Борисов се надева на договор во заедничката комисија за историја за, како што рече, да можат максимално да продолжат со поддршка на Северна Македонија за членство во НАТО и ЕУ, пренесе „360 Степени“.

„Се обраќам кон бугарските новинари. Нашиот херој Гоце Делчев стана повод за коментари во сите насоки. А тоа е жално, зашто тој е бугарски херој што се жртвувал и заложил сè за слободата на Македонија. На ист начин, еден Че Гевара, кој по народност е Аргентинец, отишол да се бори за слободата на Куба, а потоа загинал во трета држава. И наместо тие херои со својата саможртва, сите да нè прават горди, да не обединуваат и да нè прават посилни, стануваат ,јаболко на раздорот’“, изјави Борисов на меѓународниот економски форум во Пловдив.

Бугарскиот премиер верува дека тешкотиите ќе се надминат зашто во во регионот има политичари со разум и искуство.

Изјавата на Борисов за Гоце Делчев е на линија на изјавата на претседателот Стево Пендаровски, кој во петокот рече дека има два неспорни историски факти – дека Гоце Делчев се декларирал за Бугарин и дека во исто време се борел за самостојна македонска држава.

Утре во Софија ќе отпатува шефот на дипломатијата Никола Димитров за да учествува на конференција на црноморската иницијатива, каде се очекува да се сретне со колешката Екатерина Захариева. Пред посетата, Димитров изјави дека се надева оти Бугарија и С. Македонија ќе најдат начин низ пријателство и почит да го решат прашањето за Гоце Делчев. Тој се надева дека македонскиот успех е многу важен и за пријателска Бугарија и дека ќе се најде начин тие не само да не бидат пречка на патот кон ЕУ туку промотор, како на ланскиот Совет за општи работи и на неодамнешниот во Луксембург.