(ВИДЕО) Атанасов: Средношколците во Тетово под итно да добијат соодветни простории за учење

0
915

СДСМ денеска во Тетово ги поддржа средношколците кои вчера ја почнаа учебната година на отворено.

– Апелираме до надлежните институции, до органите на државата да го решат проблемот, затоа што ова не е достоинствен пристап на решавање на судбината на овие млади луѓе. Општина Тетово, Министерството за труд, Министерството за транспорт и врски, и Министерството за образование, да го решат овој проблем, затоа што овие деца не можат своето образование да го стекнуваат на овој плоштад. Да го потсетам заменикот министерот за образование Спиро Ристовски, дека во буџетот на Министеството за образование, за оваа година има 400 илјади евра за реконструкција на средните училишта. Го прашуваме каде ги потроши овие пари, зошто нема пари за реконструкција на Гимназијата во Тетово – рече Петар Атанасов, претседател на Комисија за образование на СДСМ.

Тој истакна дека СДСМ дава поддршка на соживотот во Република Македонија.

– Македонија за нас треба да биде едно општество, да се разбереме, да може да го градиме заедно општеството, секако мултикултирализмот да се збогатува, но преку почитување, заеднички јазик. Не можеме повеќе да ги двоиме децата, во Македонија нема место за нови граници, мора да работиме заедно, јазичните политики, образовните политики, треба да се во функција на општествениот развој. Затоа овој проблем треба да го решат институциите, а да не си играат со младиве деца. Ние даваме поддршка и уште еднаш кажуваме дека Министерството за образование и општина Тетово, мора овој случај веднаш да го решат – рече Атанасов.