(ВИДЕО) Атанасов: СДСМ ќе го намали бројот на предметите во образованието

0
1128

Екстерното тестирање ќе биде укинато, изјави денеска Петар Атанасов, претседател на Комисијата за образование во СДСМ.

– Денеска, на почетокот на новата учебна година сакаме да им го честитаме првиот училишен ден на сите ученици, на нивните родители, но и на сите наставници и вработени во нашето образование. Образованието во Република Македонија е во катастрофална состојба. Владата и министрите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ носеа лоши закони, остваруваа погрешни цели и трошеа многу пари на промашени проекти. Ја понижија просветата, особено со екстерното тестирање, кое веднаш да кажам – ќе биде укинато. Ќе создадеме образовен систем што ќе создава силни индивидуи, со сопствен став и мотивација активно да го градат општеството – рече тој.

Атанасов истакна дека во програмата на СДСМ има мерки кои во образованието ќе ја вратат суштината, светлината и иднината, преку три основни приоритети.

– Наместо преобемните програми, лошите учебници и голата фактографија и тестирања, прв приоритет ќе ни бидат децата и нивната задолжителна програма, преку: намалување на наставните содржини и предмети, подигнување на степенот на употребливост на знаењето, професионалното насочување и работа со децата и поттикнување на вработувањата на завршените ученици од средните стручни училишта. Наместо притисоците и казните кои беа основен метод на работа на ВМРО-ДПМНЕ, втор врвен приоритет ќе ни биде поддршката на наставниците, преку: укинување на екстерното тестирање, ослободување од прекумерната административна работа и мотивирање и наградување на наставниот кадар. Наместо тензичното носење закони по кратка постапка и секојдневни измени во нив, трет приоритет ќе ни биде јавноста и општествената согласност за промените, преку: консултации со учесниците во образованието и стручната јавност, проектирање на 10 годишен развоен образовен циклус и дизајнирање на нов Институт за развој на образованието – рече тој, додавајќи дека оваа учебна година ќе заврши без екстерно тестирање, со посветени наставници, мотивирани ученици и позитивни родители.