(ВИДЕО) Атанасов: Ова е последна година Груевски да се изживува со екстерното, ќе го укинем

0
1343

pa(2)Ја пренесуваме интегрално прес-конференцијата на Петар Атанасов, претседател на комисија за образование и наука

„Оценките од небулозното екстерно тестирање не смеат да се внесуваат во свидетелствата на учениците. Тие треба да бидат поништени.

Ова тестирање е погрешно и непрецизно и не може ништо да измери.

Учениците и родителите се под стрес. Наставниците се понижени со одземање на правото да оценуваат. Поради нападот врз наставниците квалитетот на образованието е целосно уништен.

СДСМ ќе го укине екстерното тестирање на првата владина седница, откако на следните фер избори ќе ја добие одговорноста од граѓаните да ја води државата.

Заедно со сите засегнати субјекти ќе усогласиме образовен систем по вистински успешен европски образовен модел, применлив за нашата земја. Евалуации ќе има, но само заради стандардизирање на квалитетот на образованието од Дебар до Берово и од Гевгелија до Куманово. Без оценки, без казни и без стресови.

Еве, после 5 години од воведувањето на квази проектот на оваа власт наречен екстерно тестирање, нема ниту една релевантна образовна анализа, што со него добија учениците и образованието во целост.

Но, затоа има загрижувачки психолошки анализи. Екстерниот хир на Груевски и на изумителот Тодоров се одразил кај основците и средношколците со незапаметено висок притисок, стрес, вознемиреност, агресивност, до депресија!

Секоја година прашањата и тестовите ги надминуваат претходните во својата апсурдност. Оваа година видовме и една популистичка димензија.

Годинава над 170.000 ученици од основните и средни училишта се жртви на неписмените, нелогични, контрадикторни прашања и мегаломански пропагандистички тестови со кои власта на Груевски лечи сопствени фрустрации.

Се обврзуваме, дека наредниот 10-ти јуни ќе ја вратиме радоста во училиштата. Ова веќе не го бараме од никого. Сами ќе го оствариме.

Ова е последна година на Груевски и соработниците за изживување со учениците, родителите, наставниците и професорите“, рече Атанасов.