(ВИДЕО) Атанасов: Многу училишта со блокирани сметки, без транспорт и без греење

0
882

Изјава за медиуми,
Петар Атанасов, претседател на Комисија за образование
Скопје, 25.09.2016hul1

На прагот сме на уште една зима во која многу училишта ќе останат без струја, без вода, без никакво греење и без средства за хигиена и тоа во време на владеењето на градоначалници кои ги интересира се, освен здравјето на децата.

Училишната година започна со нерешен транспорт на учениците. Тоа се случува во повеќе градови, а децата во Тетово веќе неколку дена штрајкуваат за да се реши овој проблем.

Дел од проблемот е секако недомаќинското работење на градоначалниците и лошото менаџирање со блок дотациите. Имаме податоци за неколку градови и училишта:

• ОУ„Глигор Прличев“ – Охрид, е веќе трета година со блокирана сметка и долг од 140 000 евра за нафта кон јавни претпријатија, и долг од 244 илјади евра кон други доверители.
• ОУ„Јосип Броз Тито“ – Струга е со блокирана жиро-сметка, а нема финансии ниту за основни хигиенски средства.
• СМУ „Д-р Јован Калаузи“ – Битола, е со блокирана сметка и долг од 500.000 евра. Директорката е повикана на распит во СЈО како трето осомничена во случајот „Транспортер“.
• ОУ„Гоце Делчев“ – Битола, е исто така со блокирана сметка и долг од 100 000 евра.
• ОУ „Единство“ – Гостивар, е со блокирана жиро-сметка заради загубени судски спорови.
• ОУ „Петре Поп Арсов“ – Богомила има долг од 40 000 евра кон еден превозник.
• ОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани, има долг од околу 480 000 евра кон превозниците.
• Во ОУ „Никола Карев“ – Кочани училиштето е во долгови од над 90 000 евра.
• Вкупниот долг на сите училишта во општината Кочани е околу 800 000 евра.

Почитувани граѓани, ова веќе ги поминува сите црвени линии. Не се работи за политика.

Се работи за НАШИТЕ ДЕЦА и НИВНИТЕ КОРУМПИРАНИ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ.

Новата Влада на СДСМ по 11 декември:

– ќе изврши ревизија на сите долгови на училиштата и како се тие направени,
– ќе бараме одговорност за недомаќинското работење и криминал, и секако,
– ќе ја преиспита методологијата за исплатата на блок дотациите.