Веќе видена измама

0
1317

На ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ одржувањето на изборите на 5 јуни им е најважно за „излегување од кризата“, која тие, всушност, перманентно ја создаваат

Криминалот на Груевски, за кој секојдневно на виделина излегуваат нови докази, започна, всушност, со отстранувањето на клучната пречка за легализирање на незаконските активности од страна на новото парламентарно мнозинство во Собранието по изборите во 2008 година. Тоа е времето кога ДУИ одново влезе во Владата и кога беше договорена амнестијата за раководството на ОНА за случајот со мавровските работници, киднапираните и исчезнатите лица во Непроштено и другите дела, со што Груевски го задолжи Ахмети на трајна верност и послушност.

Не сакајќи да ризикуваат дека некој од законите може да биде поништен од Уставниот суд, Ахмети и Груевски со измени во Законот за лустрација и со политичка нарачка, успеаја прво да го отстранат брутално претседателот на Уставниот суд и во него да обезбедат мнозинство од пет судии како дел од „мрежата“, која им гарантираше легализирање на криминалот со одлуки на Собранието. Парламентарното мнозинство во такви услови веќе можеше мрежата на Груевски и Ахмети да почне ја проширува и јакне преку изборот на проверени и лојални судии од „тефтерчето“ на министерката на полицијата или од списокот на Муса Џафери, судии „верни до гроб“, кои ќе мижат за криминалите на власта, обвинители кои нема да поведуваат обвиненија и ќе оставаат да застарат направените кривични дела и да направи таков состав на Републички судски совет кој со џокерот за мнозинство обезбеден во него ќе го чисти судството преку санкционирање на „неподобните судии“ и преку избор и унапредување на „подобните“. Нивен заеднички непријател беше македонскиот и албанскиот дел од опозицијата.

Наместо транспарентност на Владата во трошењето на буџетските пари и во доделувањето на јавните тендери, тие воведоа еден вид парадна транспарентност од видот „црвен тепих за граѓаните“, „отворени седници на Владата“ и „ден за идеи“ со која Груевски и Ахмети се прикажуваа како народни лидери.

Сопствениците и главните уредници на клучните медиуми во таквото општество, кои зависат од буџетот и од парите на фамилијата на власт, но кои истовремено водат и други вносни бизниси, стануваат реално членови на таа мрежа на Груевски за вршењето организиран криминал. Тие за милионите евра кои ги добиваат, ја прифаќаат улогата со систематска пропагандна тортура од криминалците да прават светци, од опозиционерите национални предавници, а секој обид на разоткривање на криминалот да го прогласат за странски заговор против земјата и власта и за дело на „националните предавници“. Така фамилијата на власт станува еден вид „проширена фамилија“ со луѓето поддржувачи во парламентот, во судството и со сопствениците и главните уредници на клучните медиуми. Сите тие се чувствуваат загрозени од можноста да се открие грабежот во земјата во кој тие учествуваат на некој начин и за кој се заинтересирани никогаш да не се дознае. Само во такви услови можел случајот со „Маѓар телеком“ во кој се споменуваат Владо Бучковски и Муса Џафери да се стави под тепих.

Само во такви услови можело да се случи кога министерот за финансии го одбива барањето на „лудакот“ да потпише зделка од 700 милиони евра со кинеска компанија за изградба на автопатиштата без тендер, тој проблем да се реши преку ноќ, преку „разумен компромис“ со донесување закон кој ќе обезбеди без тендер таа компанија да го добие бизнисот, а фамилијата да си ја добие провизијата во милиони евра.

Само во такви услови тортурата можеше да остане незабележана од судството, монтираните политички процеси да бидат прикажувани како борба против криминалот, а заштита на криминалот на власта да се смета за патриотски чин и прилог кон „преродбата на земјата“.

Со таа криминална мрежа распослана и вградена во институциите Груевски можеше во долг период да краде се’, па и изборите, и тоа да го нуди како израз на волјата на граѓаните. Со поддршката од ДУИ Груевски можеше да си дозволи и да ја ги исфрли пратениците на СДСМ од Собранието со брутална сила и мирно да ги изгласа буџетот и законот за задолжувањето на земјата како ништо да не се случило.

За секој случај, Груевски и неговите најблиски соработници воспоставиле и систем на прислушување со кој можеле да го контролираат својот коалициски партнер, да ја контролираат опозицијата и непослушните медиуми, да се информираат за својата „омиленост“ меѓу граѓаните, бизнисмените и новинарите и по потреба да дејствуваат превентивно кон секој вид закана од нивно разоткривање.

Станаа веќе политички фолклор нивните игри за предизвикување на предвремени избори и предизвикувањето етнички тензии пред изборите заради етничка мобилизација на нивното гласачко тело, по кои продолжуваа како браќа близнаци задоволни од успехот на нивната предизборна политичка манипулација.

И Груевски и Ахмети реално уживаа во чувството на семоќ и „омиленост“ се’ додека еден ден нешто не им излезе од контрола.

Како во многубројните американски филмови за храбриот поединец против корпорацијата, токму во моментот кога мислеа дека се најбезбедни и дека опозицијата нема какви било шанси да ја загрози нивната политичка моќ, се појави на политичката сцена Зоран Заев, кој дошол до информации за најскриените тајни на фамилијата, раскажани во меѓусебни разговори на нејзините членови по телефон.

Во моментот кога Заев почна храбро да ги објавува тие разговори, Груевски и неговите соработници ги ставија во функција сите механизми за своја заштита. Го изложија Заев на брутално пропагандно оцрнување, го обвинија за пуч против власта, му го одзедоа пасошот, му подметнаа некакви нови кривични дела, но не успеаја да го запрат. Заев успеа да доведе до тоа во земјата да се создаде сериозен граѓански и мултиетнички отпор против криминалите на фамилијата на власт и со меѓународна поддршка да се формира Специјално јавно обвинителство, да го принуди Груевски да ја напушти премиерската функција и да бидат закажани нови избори на кои на опозицијата ќе и’ се обезбеди фер шанса за политички натпревар.

Соочен со реалната закана од разоткривање и губење на моќта, Груевски во тој момент го испрати алармот за тревога до сите делови на криминалната мрежа: до пратениците на својата партија во Собранието, до петте контролирани судии на Уставниот суд, во Советот за јавни обвинители, до проверените судии, во полицијата и во контролираните медиуми. Талат Џафери беше задолжен да го предложи и образложува законот за забрана на објавените „бомби“, а ДУИ останува верен партнер и кога треба да се предложи закон со кој на Специјалното јавно обвинителство на некој начин ќе му беа поткастрени крилата.

На сите нивоа започнува како под команда акцијата за уништувањето докази, за блокирање на правдата и создавањето правни основи за избегнување казна за сторените дела. Истовремено се одвива и масовното уништување на докази за направените криминали и станува јасно колку многу поединци и институции биле под команда на коалицијата на власт.

Станува јасно дека судството не било под политичка контрола на власта, туку станало дел од нејзината моќ за контрола врз граѓаните, медиумите не биле под контрола, туку тие контролирале во име на власта и сите други институции што треба да им служат на граѓаните се претвориле во слуги на групата за зачувување на власта. И од сето тоа меѓународниот посредник Ванхауте, со кого власта еднострано ја прекина соработката за спроведување на договорното, ќе заклучи дека оваа земја уште не е зрела за фер и слободни избори. Но, на ДУИ на ДПМНЕ тие им се најважни за „излегување од кризата“ која перманентно ја создаваат. Затоа сега уште еднаш ДУИ најави излегување од Владата и дека е тоа заради непоставените споменици на албанските херои во општина Центар, неправедните судења на Албанците, некакви неконтролирани „бомби“ што шетаат на интернет и реално ќе му помогнат одново на Груевски се’ да продолжи по старо. Но до 5 јуни има многу време за демаскирање на овој вид веќе видени политички измами и за освестување на избирачкото тело во однос на вистинските виновници за политичката криза.

Пишува : проф.д-р Ѓорѓи Спасов . универзитетски професор, екс министер во влади на СДСМ

Колумната е објавена и преземена од Утрински