Вечерва повторно протестираме масовно и моќно: Ќе се бара и ослободување на уапсениот Здравко Савески од Левица

0
880

Вечерва (понеделник, 25 април) продолжуваат протестите иницирани од аболицијата за повеќе политичари од страна на претседателот Иванов.

Во Скопје протестот почнува во 18 часот пред СЈО, во Струмица во 19 часот пред зградата на старата полиција, во Прилеп во 19 часот кај Камена бина, а протести ќе има и во Велес, Битола и други градови во стандардното време и место.

Дополнителен мотив за излегување на денешните протести за многумина е апсењето на Здравко Савески од Левица, како и поканите за други учесници на протестите на информативен разговор.

Во продолжение ви го пренесуваме повикот за протестот во Скопје објавен на Фејсбук:

Не постои страв што ќе го поколеба нашиот став! Протестираме и денес, во 18:00 пред канцелариите на Специјалното јавно обвинителство! Против авторитарниот и корумпиран режим, против хајки против нашите слободоумни соборци!

Одлучно продолжуваме со протести и бараме:
– Итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО);
– Итна и неотповиклива оставка на Ѓорге Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија;
– Произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО;
– Формирање на специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО;
– Итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни;
– Задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата;
– Процесот на решавање на кризата да се одвива на територијата на Република Македонија;
– Формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.

До исполнување на барањата, нашата политичка борба останува на улиците! Нема правда, нема мир!
#Протестирам #Protestoj