БРАНКО АЗЕСКИ ГО ПРЕЧЕКА ЗАЕВ СО МОТОР НАКИТЕН СО ЕУ ЗНАМЕНЦА: САКАМЕ МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА ДА БИДЕ КАЧЕНА НА БРЗ МОТОР!

0
1625

Премиерот Заев на трибина во Стопанска Комора на Македонија: Членството во ЕУ и НАТО ќе овозможи поголем економски раст

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска учествуваше на трибина во организација на Стопанската Комора на Македонија на која заедно со Претседателот на Стопанска Комора на Македонија, Бранко Азески разговараа за перспективите на македонската економија од полноправното членство на земјата во ЕУ и НАТО.

На самиот почеток на дебатата беше заеднички констатирано дека Република Македонија мора да ја фати брзата трака кон полноправно членство во НАТО и ЕУ како важен предуслов за економски развој на државата и подобар животен стандард за граѓаните.

„Крајно време е после 27 години независност да ја ставиме Македонија на една брза трака или брз мотор, со лидерството заедно со стопанството кон членство во ЕУ и НАТО што ќе придонесе нашата земја да биде прикладно место за живеење.“ порача Премиерот Заев.

Претседателот на Стопанска Комора на Македонија, Бранко Азески во разговорот со премиерот Заев порача дека бизнис заедницата застанува цврсто зад напредните процеси кои се очекува да резултираат со полноправно членство на земјата во ЕУ и НАТО што ќе резултира со забрзување на економските процеси на раст и развој.

Во однос на информацијата којашто ја сподели Претседателот на Стопанската Комора на Македонија, Бранко Азески дека со членството на земјата во НАТО ќе се отвори можност за пласман на македонските производи и услуги за потребите на НАТО Алијансата којашто добавува 32 милиони производи од 16 милиони добавувачи, премиерот Заев истакна:

„Една од придобивките не е само што НАТО ни ја гарантира безбедноста, мирот и стабилноста коишто се најважни предуслови за бизнисот. Има и една друга убава придобивка овде, имаме право како членка да партиципираме во набавките што НАТО ги прави. Тоа ни следува со членството. Јас лично разговарав со генералниот секретар, бројките се многу убави и тоа отвора трговска можност на многу домашни компании да влезат и да заработат и профитираат. Тоа се стотици милиони евра можности кои се отвораат за нашите компании“ истакна премиерот Заев и додаде дека ќе се отвори таа можност по завршувањето на скринингот и потпишувањето на протоколот од земјите членки за полноправно членство на нашата држава во НАТО алијансата.

Во тој правец Премиерот Заев соопшти дека најавата за членство во НАТО и ЕУ придонесе кон постигнување на позитивни економски резултати кои според владини проценки и анализи ќе бележат раст на БДП во вториот квартал помеѓу 2.5% и 4%.

„Индустриското производство во јули 2018 во споредба со јули 2017 изнесува 8.4%. Од јануари до јули 2018 во споредба со истиот период 2017 е вкупно 5.5% раст на индустриското производство. Сакам да знаете дека вака како што е поставена во контрола државата преку УЈП и инспекциите, меѓу 8 и 10% е зголемен приходот од даноците во државата во споредба со лани. Тоа е доказ дека живее економијата, дека е раздвижена и растат овие параметри. Извозот е зголемен 14.5%. Сите овие параметри во најава покажуваат раст.“ рече премиерот Заев.

На крајот од своето обраќање премиерот Заев порача дека за поголеми стапки на економски раст и стабилност на економијата потребно е земјата да стане полноправна членка на ЕУ и НАТО и за таа цел побара поддршка од претставниците на бизнис заедницата.