Бранителот Богески на раб на егзистенција

0
1799

Бранителот Крсте Богески, кој учествувал во воениот конфликт во 2001 година, вели дека едвај преживува откако бил прогласен за техонолошки вишок и извршителите му земале се што поседува. Тој бара работа и помош од државата.

Прилепчанецот Крсте Богески еден од бранителите, учесници во воениот конфликт во 2001 година се бори за егзистенција. Не добива ниту денар, откако во мај минатата година, бил прогласен за технолошки вишок од фирмата во која работел 20 години како продавач, пријавен со скратено работно време. Па и тие околу 5 илјади денари со кои едвај врзувал крај со крај, сега не може да ги добие.

„Ме прогласија за технолошки вишок, извршителите ми зедоа сѐ, што е знак дека јас бев оштетен, немам никакво примање, немам никаков надомест, социјална помош не земам, немам излез“, вели бранителот Богески.

Тој живее без огрев и без визија за животот натаму. Разочаран од секојдневнието, се бори со студената зима, со осаменоста, со гладот и сиромаштијата. Се обраќал за помош на многу места, но ниту една врата вели не се отворила. Единствено неговите колеги од Здружението на резервни воени обврзници, учесници во настаните 2001 и 2002 година, вложуваат напор, му помагаат, давајќу му одредена помош.

„Живеам како самец, немам помош од никого, еве од Здружението ми даваат по некој денар, милост, колку да не проумрам. Решение, значи да не падне никој на вакво дереџе, да има разбирање, да има слух, за сите што учествувале треба да се санира, да се гледа, да има поголем респект на такви луѓе на кои им треба таква моментална помош. Јас имам 58 години и сум ни горе, ни долу“, вели овој човек.

Има завршено средно дрвно училиште. Низ годините работел во многу фирми и никогаш вели животот не му бил лесен. Но, се борел за опстанок, со надеж дека ќе има подобри денови. Низ годините се соочил со болести, па сега со нарушено здравје, тој е спречен да извршува тешки физички работи.

„Болен сум, разболен, не можам тешка физичка работа да работам, а ми требаат уште 6-7 години до пензија. По болеста, велам пак некоја работа да се најде, да видиме што може да се направи, за да не го живеам животот оскуден“, вели Богески.

Овој човек ја моли државата, Министерството за труд и социјална политика за помош, за да преживее, бара работа за достоинствен живот.

Извор : СлободнаЕвропа