Бранителите од ЗРВО прашуваат: Кои се критериумите за доделување на Третоноемвриските награди?

0
1212

Здружението на резервни воени обврзници (ЗРВО) од настаните 2001/2002, реагира на доделувањето на наградите во чест на 3-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп.

Од Прилеп, Зоран Милошескиrubin-zrvo

Од четирите прилепски здруженија на бранители, три од нив „Прилепски бранители“, „Карпалак“ и „Резервни воени старешини“, беа наградени со плакети „3-ти Ноември“. Единствените кои останаа без признание се членовите на најстарото здружение со 14-годишно постоење, ЗРВО 2001/2002.

„Ниту еден човек кој има барем малку свест и совест не му доликува да го направи она што го направија прилепската локална власт на чело со градоначалникот Марјан Ристески. Немаме други зборови освен да кажеме дека нивната постапка е арогантна и мизерна. Не само што не добивме признание за нашата работа, туку како здружение кое постои 14 години и кое има безброј заслуги во борбата за остварување на правата на бранителите, не бевме ниту поканети да присуствуваме на доделувањето на наградите. Прашуваме, кој е критериумот за доделување на едно вакво признание? Ако ЗРВО за 14 години не заслужи да добие било какво признание, тогаш со што го заслужија тоа наградените здруженија?“, прашува членот на ЗРВО 2001/2002, Јордан Трајкоски.

Претседателот на ЗРВО Рубин Секулоски смета дека со оглед на тоа што во образложението на наградата стои дека истото се доделува „за храброста во одбраната на македонскиот суверенитет и интегритет“, испаѓа дека само тие здруженија се заслужни за одбраната на државата за време на воениот конфликт.

„Наградите им се доделени заради нивното редовно учество на сите настани организирани од партијата на власт: предавање во употреба на патишта и улици, искажување поддршка за уништениот Закон за бранители, одмолчување на именувањето на Талат Џафери за министер за одбрана, премолченото одобрување на Законот за амнестија, пуштање на фабрики кои никогаш не проработија…Зошто не кажуваат колку бранители се вработени, дали државните институции распишале макар еден оглас за вработување во кои им се дава предност на бранителите? Бранителите се соочуваат со големи проблеми, имаме инвалиди, болни луѓе на кои им е потребна помош. Дали наградените здруженија можеби побарале бесплатно школство во вистинската смисла на зборот, право за бесплатно сместување во студентските домови на нашите деца? Во секој случај, срамна и недостоинствена одлука на прилепската локална власт“, вели Секулоски.

И покрај неправдата која со години им се нанесува, од ЗРВО 2001/2002 нагласуваат дека тие и натаму ќе работат во насока на подобрување на статусот на бранителите и решавање на нивните проблеми. Во тој контекст е и Меморандумот за соработка кој здружението во 2011 година го потпиша со Зоран Заев, односно со СДСМ.

„За прв пат некоја политичка партија, поточно СДСМ, го внесе Законот за бранители во својата програма. Меморандумот ги опфаќа основите барања и потреби на бранителите: решавање на проблемот со здравственото осигурување, вработувањето, образованието на нашите деца, станбено згрижување, олеснителни околности при пензионирањето, деновите поминати на терен да се впишат како бенефициран стаж, воведување „бранителски додаток“ при одењето во пензија. Проблемот може да биде решен само со соодветно законско решение, а не со злоупотреба на бранителите и нивно ставање во функција на правење кворум на настаните организирани од партијата на власт“, потенцира претседателот на ЗРВО 2001/2002 Рубин Секулоски. /крај/мф/зм

Извор : МакФакс