БРАВО ЗА ПЕТРЕ ШИЛЕГОВ, ПРВИОТ ЕЛЕКТРИЧЕН АВТОБУС ВО СКОПЈЕ ДЕНОВИВЕ ТРГА ВО СООБРАЌАЈ, НА ЛИНИЈА 15

0
1978

СООПШТЕНИЕ

Скопје, 16.02.2018 година

НИЗ СКОПЈЕ ЌЕ ВОЗИ ЕЛЕКТРИЧЕН АВТОБУС

Градот Скопје денеска потпиша договор со компанијата Chariot Motors за пробно користење електричен автобус за период од шест месеци. Електричниот автобус ќе почне да сообраќа на градските улици во април годинава, и тоа на линијата со број 15 на ЈСП од Ново Лисиче до Карпош 4, по следната траса: булевар Јане Сандански, булевар Кочо Рацин, улица Димитрие Чуповски, булевар Партизански одреди и обратно. Во возилото може да се превезуваат до 85 патници.

По истекот на пробниот период овој електричен автобус ќе биде понуден на ЈСП и на приватните превозници да го купат.

–       Низ Скопје ќе вози електричен автобус. Потпишавме договор со Chariot Motors за пробно користење електричен автобус за период од шест месеци. Ова е одлична можност која ќе не збогати со едно ново искуство за градот, што понатаму ќе можеме да го користиме во планирањето на модернизацијата на јавниот градски превоз. Автобусот е направен во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија.  Станува збор за енергетски ефикасен автобус што троши минимално количество електрична енергија и е опремен со систем за брзо полнење. Најголемата предност е тоа што воопшто нема емисија на издувни гасови што го загадуваат воздухот – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, на потпишувањето на договорот со Chariot Motors.

Шилегов објасни дека автобусот ќе сообраќа на линијата со број 15, а станиците за полнење на крајните постојки во Ново Лисиче и во Карпош 4 се поставени со помош на ЕВН.

–       Вложувањето во јавен градски превоз кој е енергетски ефикасен и кој не го загадува воздухот е влог во создавањето здрава животна средина. Решавањето на деценискиот проблем со јавниот превоз во Скопје е дел од листата приоритети на Градот. Годинава предвидовме буџет за субвенции за набавка на еко-автобуси во висина од 100 милиони денари и за приватните превозници во висина од 20 милиони денари. Работиме на модернизацијата на градскиот автобуски превоз. Скопје заслужува автобуски превоз што нема да загадува, ќе биде енергетски ефикасен и кој во целост ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните коишто го користат – нагласи градоначалникот Шилегов.

Шилегов изрази благодарност до Chariot Motors што овозможи за прв пат низ улиците на Скопје да вози електричен автобус кој ќе биде од големо значење за унапредувањето на еколошките стандарди, за почист воздух и почиста животна средина.

Претставниците на Chariot Motors објаснија дека станува збор за израелска компанија за производство на електрични автобуси со седиште во Софија, која во соработка со кинеската компанија Хајгер произведува 76 автобуси на ден. Тие се заблагодарија на Градот Скопје за можноста да ги претстават нивните електрични автобуси како влог во иднината на транспортот. Нивните автобуси веќе сообраќаат по улиците на Белград, Грац, Тел Авив, а наскоро и во Мадрид и Салцбург.

Со почит,

Град Скопје