БОМБА НА СЕКУЛОВСКА: Боки 13-ка е дел од организирана акција за рушење на владата на Заев и убиство на СЈО!

0
8351

Има многу теории и сценарија за падот на Боки 13, но една изгледа најверојатна, единствено можна, претпоставувам вредна за разгледување.

Оној што му го всадил црвот за отворање на телевизија- 1ТВ, со идеја таа да стане моќно орудие, е истиот мозок кој ја урна и целата империја која се градеше околу Боки 13, тој е истиот кој го измисли и го уништи.

И не само него. Еден по еден, како на шаховска табла ги урива подоцна сите фигури- обвинителка, бизнисмени, политичари, интелектуалци, криминалци, знајни и незнајни јунаци на една од најголемите операции на овие простори.

Кралот се остава на крај, но тоа секако не е Боки, тој е само попатната фигура која била диригирана да ги следи упатствата: ги намамувала жртвите, ги ловела и ги обработувала со мајсторски потези и врвни тактики и стратегии, во кои доброволно се вплеткувале.

Идејата била секако само една- да биде распослана од едниот до другиот крај, до каде може да стасува пајаковата мрежа, да биде филигрански извезена, да се натрупуваат жртвите, да се заплеткуваат и да се врзуваат самите.

Со сопствените прсти да ги онеспособуваат рацете и нозете, сами на себе, едни на други, сам по сам да се привлекуваат, да се задржуваат, да се уништуваат.

Време на уживања, време на лудирања

Време секако требало да помине, време на уживање и лудирање, на славење и гоштевање, на дарувања и расфрлања, на евтини по изглед бунди- со енормни цени, на сликања, паради на пијанства и кич, пеења и гитарски настапи, качувања по маси, грабања за микрофонот, време на Крлеуши, Цеци, Шабани, време на пропаст, подоцна ќе се дознае.

Време кога сите жртви биле опиени, зашеметени, несвесни што навистина им се случува.

Само во таква состојба, никој не можел да го види часовникот како отчукува, како почнува да ечи во сечии уши- како темпирана бомба, како нуклеарен експлозив, како детонатор кој ќе ги уништи нив самите, сите околу нив, сите нас.

Откако ќе ги уживаат заедно со Боки сите овоземски и небесни страсти и пороци, следната фаза е денес пред нас- да бидат соголени на јавна сцена, онака како што тоа претходно им го сторил самиот Боки. Но сега тие се испорачани на јавноста, затоа што мозокот на операцијата сака да испорача и лекција: мора сите да видат и точно да знаат- која е цената која се плаќа кога луѓето кои добиле јавни функции не знаат, затоа и не размислуваат- зошто сите тие ја добиле довербата од народот и што добога, со таа доверба навистина треба да се прави.

Во оваа операција се споменуваат секакви актери и татковци на овој план: соседни и малку подалечни, но сепак нам блиски земји, нивни политичари во пад и подем, наши бивши и сегашни политичари- во бегство и на троновите распослани и денес, разни странски советници, секакви домашни потрчковци, лепеза од официјални и тајни служби, нивни и одметнати подземни филијали, мафијашки овдешни кругови, се се тоа ѓаволски кругови, на крајот на денот.

Слабоста кон едно отфрлено дете

Има секакви теории, сценарија и приказни- некои биле навистина жртви, наивни и невини- секако дека биле, пикирирани и детектирани токму како такви- слаби, кршливи, ранливи. Многу од нив, тоа во оваа приказна најлогично ми изгледа дека- многу од нив и имале слабост кон самиот Боки. Ако ја погледнете неговата животна приказна- отфрлан, исмеван, газен и уништуван со години, можеби и децении, секако дека ќе застанете на негова страна и ќе сакате да го има вашето друштво, да се имате взаемно, да му покажете на тоа младо момче милост, поддршка, разбирање, елементарна човечност.

На некои од жртвите- јавните личности- секако дека тоа била единствената идеја и појдовна точка за дружењето- тоа е единствениот нивен грев, кој може навистина да биде оквалификуван само како доблест- слабоста кон неправдата и малтретирањето со кои тој се соочувал.

Многу од адвокатите на сегашните осомничени и можеби идните, ќе се обидат да ја исплетат и оваа приказна, но таа секако нема да им припаѓа на оние јавни функционери или останати лица- кои се здобиле со материјална корист, со цел да злоупотребуваат службена положба и да тргуваат подоцна со влијание.

Тие исто така имале слабост- но таа била поинаква- претходно биле ставени на маса и сецирани, еден по еден, биле вадени и положувани органите.

Ги анализирал овој мозок на операцијата со сите нивни маани расфрлени низ животниот пат.

Се претпоставувало дека во одредени околности ќе продолжат по истата траекторија- да бидат алчни, грабливи, корумпирани, неизживеани, осамени, тажни  души.

Само на таквите им треба само трошка внимание и многу привиден сјај за да се зачини тоа малку вредно време поминато со луѓе кои ним им се странци, непознати, но имаат и нешто заедничко- страст кон моќта, парите и гнилоста на еден така распарчен живот.

Веројатно ова е приказната на Катица Јанева и Боки, можеби и не, којзнае.

Не верувам дека нешто од овие можни приказни ќе се обистини, ниту пак дознае. Уште долго ќе продолжиме да лутаме низ маглите на оваа земја, заедно со нашите нови катици, бокиевци, ѓаволски кругови. Уште долго, веројатно за нас ќе биде предолго, за нашиот прекраток живот, кој само за вакви приказни знаеше, и никогаш не ги заврши нивните раскажувања.