БОМБА НА МИТКО ЈАНЧЕВ: Мицкоски го надмина и Груевски, време е ВМРО-ДПМНЕ да се реформира!

0
1758

Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, реагира по повод нападите врз него кои се актуелни во повеќе опозициски медиуми, откако вчера присуствуваше на трибината на СДСМ во Кавадарци. За истите вели дека се обид од страна на Христијан Мицкоски за негова дискредитација, и не е коректно кога од неговата партија доаѓаат навредливи тонови на сметка на неговите ставови.

Тој јавно му порачува на Мицкоски да ја погледне снимката од премиерот Зоран Заев, кога пред осум години, во времето додека беше градоначалник на Струмица присуствувал на трибина организирана од ВМРО ДПМНЕ, на чело со Груевски. Потсетува дека дури и Груевски му дозволил на Заев да присуствува на партиската трибина во неговиот град, и порачува дека со однесувањето, Мицкоски го надминал и Груевски.

-Уште еднаш, по кој знае кој пат се покажува вистинскиот лик и авторитарната нишка на Христијан Мицкоски. Секаде во цивилизираниот свет градоначалниците присуствуваат на јавни трибини од спротивните политички табори, се со цел за да ги слушнат пораките кои се наменети за доброто на сите граѓани. Оттука, срамно е тоа што Христијан Мицкоски јавно ме премолчува, а тајно на портали игра подземни игри: ме дискредитира и како човек и како градоначалник. Со тоа тој свесно или не, дискредитирајќи ме мене,го дискредитира градоначалникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ кој што со својата работа и посветеност секој ден покажува која е нашата мисија, а тоа е да се работи за доброто на народот, граѓаните да се стават на прво место, пред личните и партиските интереси. Едноставно, срамно е – вели Јанчев за ,,Фокус”.

Додава дека ВМРО ДПМНЕ треба да се реформира, бидејќи и самите граѓани препознаваат дека партијата на чело со Мицкоски оди во погрешна насока.

-Јас како градоначалник на Кавадарци, моја морална обврска и политичка одговорност е да ги слушам сите политички пораки кои се испраќаат во нашиот град од сите политички субјекти без разлика дали се работи за СДСМ или ВМРО ДПМНЕ. Од друга страна, многу нефер кога од мојата партија слушам навредливи тонови дека моите ставови се ,,падни-стани”. Напротив, моите политички ставови соодветствуваат со реалните потреби на граѓаните на град Кавадарци.

А тоа што Мицкоски ме зема на пик за да ме дискредитира, да го потсетам дека Никола Груевски на Зоран Заев, тогашниот градоначалник на Струмица, на 11. 03. 2011 година без никаков проблем во својот град му дозволи на Заев да присуствува на партиска трибина на ВМРО-ДПМНЕ. Во таа смисла, на Мицкоски сакам да му порачам дека јас сум реален човек и се грижам за реални проблеми на граѓаните на град Кавадарци. Знам дека ми е љубоморен, знам дека е нервозен, ама исто така знам дека неговите одлуки, политички сфаќања за политиката, и конкретно за ВМРО ДПМНЕ се погрешни и на моменти делуваат монструозно.

Граѓаните денес препознаваат дека нашата партија на чело со Мицкоски оди во погрешна насока, оди против Европа, оди контра НАТО, оди против самата цивилизираност и реална потреба на граѓаните. Време е ВМРО-ДПМНЕ да се реформира, оти вака повеќе не оди – ни изјави градоначалникот.