БОМБА на Зоран Заев: Груевски сака избори догодина – јас повеќе не седнувам да преговарам

0
3785

„Не сакам ни да помислам дека Уставниот суд ќе го укине Специјалното јавно обвинителство или некои делови од законот, затоа што секој нормален човек знае дека со тоа ќе го истури целиот бес на народот по улици“, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев во интервју за „Канал 77“. Тој додава дека ако Уставниот суд „се дрзне“ на ваков чекор, тоа да го направи пред Собранието да се распушти.

– Еднаш кога Собранието ќе биде распуштено, не може да се враќа назад – вели Заев.

На прашањето, што доколку тоа се случи и Специјалното јавно обвинителство со одлука на Уставниот суд, во услови на распуштено Собрание, престане да постои, Заев е дециден дека нема да седне повеќе на преговарачката маса.

– Една работа треба да знаат, јас да седнам повторно на зелена маса, да преговарам за избори? Тоа нема да случи. Нека го промени СДСМ својот лидер ако треба, јас повеќе не седнувам. Имав трпение до небото, покажав нерви во целиот овој случај – вели Заев.

Во врска со шпекулациите дека е можно на 11 декември да нема избори, лидерот на СДСМ, одговарајќи на прашањето кој прв ќе се откаже од избори, вели дека стравува оти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, бега од избори и сака тие да бидат заедно со локалните, догодина.

– Кој одржа конгрес со програма за избори? Кој одржа уште еден конгрес? Нека направат уште еден чекор. Нека покажат дека се навистина за избори. Јас навистина стравувам со сите мои информации што ги имам дека Груевски бега од избори и ќе ги кажам причините. Сака избори заедно со локални, за да ја разводени темата и да не бидат национални теми и да зборуваме за тротоарче, за уличка, за водовод, оти тој сите овие години е повеќе градоначалник отколку премиер – изјави Заев.