БОМБАСТИЧНО ИНТЕРВЈУ НА ЗАЕВ ЗА ДОЈЧЕ ВЕЛЕ: Спасовски ми понуди оставка за бегството на Груевски, на Сашо Мијалков не сум му ветил ништо, ќе се повлечам од телото за реформи во судството!

0
1681

Македонија нека го памти, по арно или лошо, докажано или недокажано, вели премиерот, Зоран Заев, за неговиот претходник, Никола Груевски, кој избега во Унгарија како осуден на две години затворска казна во предметот „Тенк“.

Во интервју за „Дојче веле“, Заев одговара на прашање дали сликата на Груевски треба да се наоѓа во редот премиеро кои ниту ја напуштиле ниту ја посрамотиле Македонија.

-Верувам дека сѐ она што значи меморија, од првиот премиер до денес, согласно со традицијата треба да остане. Некои премиери нашиот народ ги памти по добро, некои по лошо, некои оставиле слаб впечаток, некои поголем. Мислам дека не е мое да чепкам по тоа што е воспоставена практика од минатото – вели Заев.

Тој вели дека не би можело да има импликации бегството на Груевски по безбедноста на Македонија, иако како екс премиер тој има информации кои се службена и државна тајна.

Во врска со истрагата за неговото бегство, премиерот вели дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, веќе разговара со него на тема оставка како морален чин.

Но во демократските практики на кои се повикувате, има нешто многу важно, а се нарекува морална одговорност. Не видовме некој да понуди оставка како морален чин…

-Тој го направи тој чекор, разговараше со мене. Како колега во Владата и мој долгогодишен соработник, секогаш сме разговарале што со моралниот чин во вакви околности. Бидејќи, ако има морална одговорност, треба да има аргументација за тоа, да се објасни, да се лоцира каде е моралниот хазард, проблем, пропуст… Јас не гледам таков пропуст. Но, ако се покаже дека имало одговорност – јас ќе барам таа да биде конкретно понесена – вели Заев.

На прашањето дали поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, има придонес во обезбедувањето 2/3 мнозинство, тој вели:

-Слушав и јас за ставовите на Мијалков дека тој бил „про“, дека разговарал со пратениците, па дури и дека некои биле со него кога бил приведен. Не знам дали Мијалков, или некој друг, обезбедил гласови. Дали имал некакво влијание и какво, ќе видиме на крајот од процесот, во јануари. Знам само дека јас разговарав со пратениците и продолжувам да разговарам. Јас со нив не разговарав ни за Сашо Мијалков, ни за Никола Груевски. Тие се пратеници, независни личности со кои разговарав врз основа на аргументи, за да помогнат со својот глас, и да кажат што им е е важно за да се вградат во тој процес – додава Заев.

По прашање од новинарката за неговото раководење со Советот за реформи во правосудството, Заев соопштува јавно дека ќе се повлече од ова тело.

-Не сум јас правосуден систем во Македонија. Не сум јас тој што ќе одлучува за таа сфера. Ако сугерирате дека тоа може да предизвика такви перцепции, јас немам проблем – ќе се откажам! Еве, ја прифаќам таа одговорност и во ова интервју јавно соопштувам дека ќе си поднесам оставка од таа позиција во Советот за реформи во правосудството – вели тој.