БОМБАСТИЧНО ДОСИЕ НА ФОКУС ЗА КУРТОН МРЕЖАТА НА ,,БЕЛИЗЕ” : Газдите на „Нетпрес“ изгубени на релација САД-Кипар, „Република“ скриена на Карибите

0
1854

На фотографијата подолу е мапа од државата Белизе. Некои чуле за Белизе, а за тие што не слушнале, тоа е мала држава во Централна Америка со излез на Карипско Море и единствена земја на овој континент каде што англискиот е официјален јазик.

BELIZE-MAPA-FOTO--620x409

Белизе е земја на контрасти – на едната страна ќе видите запрепастувачка убавина и вистински мал рај. Богатото месно население, меѓу кое и тоа од богатите западни земји е на оваа страна. Ова е Белизе за туристите.

BELIZE-FOTO-RESORT

А подолу ќе видите фотографија од едно друго Белизе со стапка на сиромаштија од 41,7 проценти според официјалните податоци на ООН.

BELIZE-SIROMASTIJA

Но, има и едно трето Белизе – Белизе кое ги чува тајните на бизнисмените од целиот свет.

Сигурно ќе се запрашате каква врска имаат Белизе и Македонија, или, пак, уште почудно, Белизе и македонските медиуми, со оглед на фактот дека малку Македонци имаат илјадници евра за годишен одмор во кој би ги искусиле убавините на оваа карипска земја. Иронично, но, сепак, парите се она што ги поврзува сите.

Ако се погледне статистиката изработена од Народна банка во Македонија, државата од 2011 година натаму има приливи и одливи по основ на директни инвестиции од Белизе во Македонија и обратно, инвестиции од Македонија во Белизе. Се разбира, ова не се оние инвестиции и инвеститори со кои владата се фотографира и се фали.

Ова се трансакции со држава која важи за даночен рај. За неупатените, државите како Белизе, Бермуди, Сејшели, Панама и други се нарекуваат офшор-дестинации или земји во кои сопственоста и банкарското работење се тајна легализирана со закони.

„Сите тие инвестиции кои доаѓаат од такви земји во основа треба да фрлат сомнеж на чистотата на парите кои доаѓаат од таквите земји, треба да покренат проверки за легалноста на парите. Бидејќи оној кој е чист и работи легално не отвора фирми во оф шор дестинации. Таму се отвораат фирми за да се избегнат даноците или за да се сокриајт парите од трогвија со бело робје, оружје итн и потоа тие пари се легализираат во земји со слаби институции како Македонија“, вака професорот на факултетот за детективи и безбедност при универзитетот ФОН Владимир Пивоваров ја објаснува логиката на отворањето фирми во офшор дестинации.

На 11 јануари 2014 година, порталот Република го одбележа својот прв роденден, а кога сѐ уште немаше заокружено 12 месеци од постоењето, во декември 2013 година, веб-сајтот ја доби и наградата Сајт на годината, која се доделува под покровителство на администрацијата на главниот град Скопје.Компанијата што стои зад порталот Република се вика „Прва Република ДООЕЛ“ со адреса во центарот на Скопје, oснована во август 2012 година.

На вистинскиот сопственик на медиумот не може да му се влезе во трага.

Според документите од Централниот регистар, сопственик на „Прва Република“ и со тоа и на порталот Република е фирма со странски капитал, односно компанија која потекнува токму од Белизе.

mreza. belize

Фирмата од Белизе се нарекува „Иресине лимитед“ и лоцирана е во главниот град на оваа држава Белизе Сити на адреса, улица „1 ½ Miles Northern Highway“. Нашето интернет-истражување покажува дека на истата адреса во Белизе се регистрирани неколку таканаречени агенти за офшор-услуги, а најпознат агент е компанијата „Фронтиер интернешнел“, која е претставена и на сајтот „Чајна офшор“ (www.chinaoffshore.com.hk), како фирма за регистрација на офшор-ентитети.

Кој е вистински сопственик на порталот „Република“ тоа не го откриваат ниту генералниот директор Доне Доневски на „Прва Република“, ниту, пак, маркетинг-директоротСтојан Георгиевски.

Доневски не се одзва на нашата покана за разговор, која неколкупати ја упативме преку секретарката на „Република“, додека Георгиевски го добивме на мобилниот телефон, но тој не сакаше да зборува за сопствеништвото на медиумот.

Му пративме имејл со прашања, на кои не одговори, иако според сервисот што го користевме (ReadNotify.com), знаеме дека го добил имејлот и дека го отворил.Вистинските сопственици, според нашите инсајдерски информации, не ги знаат ниту вработените во порталот „Република“. Ним менаџментот им ги претставува како „тие“ или како „луѓето“.

– Повеќепати сме прашале, некои од нас, пак, се плашат и да прашаат. Секогаш е истиот одговор – вели вработен во редакцијата, кој сакаше да остане анонимен поради страв дека ќе го загуби работното место.

Трагајќи по сопственикот на „Република“, од Белизе стигнавме до уште една компанија која инвестира во Македонија, а потекнува од Белизе Сити и е стационирана на идентична адреса со фирмата што стои зад медиумот.

„Базики лимитед“, исто така, е лоцирана на улицата „1 ½ Miles Northern Highway“, а во документите од Централен регистар на Република Македонија од 31 октомври 2011 пишува дека оваа компанија била содружник во Друштвото за трговија и услуги „Искра ММ ДОО Скопје“.

Во истиот документ стои дека вториот сопственик на „Искра ММ“ е охриѓанецот Цветан Панделески, кој е татко на Дејан Панделески – кумашинот на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Јанакиески повеќе од седум години е на чело на Министерството за транспорт и врски како кадар на партијата ВМРО-ДПМНЕ под раководство на премиерот Никола Груевски.

Третиот сопственик на „Искра ММ“ била компанијата „Ексико ДООЕЛ Скопје“, која, пак, е во сопственост на фирмата „Т&МЈ Инвестмент СА“ од Лугано, Швајцарија. Швајцарската компанија „Т&МЈ Инвестмент СА“ може да се поврзе со бизнис-тајкунот Јордан Камчев, за што ќе читате во другиот дел од текстот. Камчев во јавноста важи за близок пријател со директорот на Тајната полиција, Сашо Мијалков.

Мијалков е член на раководството на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, а приватно е прв братучед на премиерот Никола Груевски (таткото на Мијалков е брат на мајката на Груевски).

Дејан Панделески и Камчев, иако имале шанса на јавна сцена, не објасниле кој е вистинскиот сопственик на втората фирма од Белизе, која се наоѓа на истата адреса каде што е лоцирана и компанијата-сопственик на порталот и на неделниот весник „Република“.

Фирмата „Прва република“ соработува со две компании каде што како еден од сопствениците или покрупен акционер се јавува токму Јордан Камчев.

Депонент банка на „Прва република“ е Стопанска банка АД Битола, каде што еден од поголемите акционери е „Орка холдинг АД Скопје“ на Јордан Камчев (преку акциите што „Орка холдинг АД Скопје“ ги има во Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“).

Неделникот весник „Република“, пак, се печати во печатницата на „Графички центар ДОО Скопје“, каде што еден од тројцата сопственици повторно е „Орка холдинг АД“ на Јордан Камчев.

Но, сепак, „Република“ ја чекаат законски замки во кои можеби ќе биде принудена да го открие својот сопственик. Во новоформираната агенција за медиуми велат дека согласно новиот закон за медиуми, отсега, па натаму и печатените медиуми ќе мораат да бидат впишани заедно со нивниот издавач во регистер.

– Досега тоа важеше за телевизиите, сопственоста на телевизиите и радијата мораше да биде јавна, тајно содружништво е забрането. Новиот закон за медиуми ги опфати и печатените медиуми, па кога ќе почнеме да го правиме регистарот, не верувам дека ќе може да има тајни сопственици од даночни оази – вели Стојан Наумов, член на Агенцијата.

Иако релативно нови на пазарот, неделникот „Република“, како и веб-порталот „Република“ веќе си го најдоа своето место на пазарот во државните институции. Од податоците што ги добивме служејќи се со Законот за слободен пристап до информации, мнозинството од институциите го набавуваат „Република“. Истото не може да се каже за неделникот „Фокус“, кој постои речиси две децении, но важи за критичен кон работата на власта. Исто е и со рекламите од државните институции и од владата. Во еден број на весникот имаше дури 8 страници државни реклами.

Институциите се редовни рекламери и на нивната веб-страница.

ГАЗДИТЕ НА НЕТПРЕС ИЗГУБЕНИ НА РЕЛАЦИЈА КИПАР – САД

Името на генералниот директор на „Т-мобиле“, Жарко Луковски влегува во шемата околу сопствеништвото на порталот „Нетпрес“.

Имено, порталот „Нетпрес“ е регистриран од компанијата „Нет прес ком ДООЕЛ“, која е во целосна сопственост на една друга фирма со име „ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје“.

Сопственик на „ФИНЗИ“ пак, е американската компанија „ФИНЗИ ЛЛЦ“ од Соединетите Американски Држави, која се води на адреса „41 State Street, Suite 106, Albany NY 12207“. Но, ако се обидете да ја најдете оваа адреса, произлегува дека станува збор за седиште на адвокатска канцеларија.

Сите документи од американската компанија, сопственик на македонската „Финзи“, пак, водат кон Кипар. Имено, како директори на Finzy LLC фигурираат Ени Јеп (Annie Yeap) и Шејн Чараламбос (Shane Charalambous).

Ени Јеп, според податоците од интернет е основач на „Еквејшн Корпорејт Сервисис ЛТД“ (Equation Corporate Services LTD, www.equationcs.com), компанија која нуди услуги на меѓународни инвеститори, адвокати, даночни советници или други професионални услуги, кои трагаат по партнери за основање кипарски офшор компании.

Да се вратиме повторно на македонската компанија „ФИНЗИ“. Академскиот сликар, 37-годишниот Коста Крпач се води како директор на скопската компанија „Финзи“, која сега е сопственик на веб-порталот „Нетпрес“.

Screenshot_2

Не е познато кога претходниот сопственик на „Нетпрес“ Дејан Николовски го продал порталот бидејќи тој одби да одговори на нашите прашања. Се обидовме да стапиме во контакт со Крпач, на чија домашна адреса е регистрирана фирмата „Финзи“.

Кога го прашавме кога и за која цена неговата фирма го купила порталот, тој ни спушти слушалка. Оттогаш, тој не одговараше на нашите повици.

Aко се погледне историјатот на фирмата „Финзи“, се гледа дека прв управител на фирмата во 2009 година бил Владислав Стајковиќ, инаку директор на „Мобико ДООЕЛ Скопје“, фирма која е овластен сервисер за мобилни телефони на „Т-мобиле Македонија“.

Сопственик на фирмата „Мобико ДООЕЛ“ е токму Жарко Луковски, главен извршен директор на Т-мобиле Македонија.

Владислав Стајковиќ е основач и на НВСП, фирма за која неделникот „Фокус“ во 2012 година пишуваше дека е сопственик на„Секјурити Груп Сервисис (СГС)“, фирма за обезбедување, која се поврзува со директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.

Како сопственик на СГС, пак, сега се води 27-годишниот Дејан Ќировски, полјоделски работник со недовршено средно образование.

Друштвото за консалтинг и посредување НВСП, според документите од Централниот регистар се јавува и како сопственик на фирмата на која е регистрирано новото, „Радио Слободна Македонија“ каде што свои емисии имаат водителот од Канал 5 Миленко Неделковски, Наташа Мерсовска, уредник од Сител ТВ, Весна Бејби Петрушевска и други. Ова радио се наоѓа во истата зграда со неделникот и со порталот „Република“ (спроти Владата на РМ), само на различен кат.

Инаку, сопственик на НВСП ДООЕЛ е Владислав Стајковиќ, лице кое се јавува и како прв директор на компанијата „Финзи“. Со ова, Стајковиќ на индиректен начин се поврзува со два медиуми, и со „Нетпрес“ и со „Радио Слободна Македонија“.

Според изводите од Централниот регистар може да се види дека приоритетна дејност на НВСП е да врши трговија на големо со електронска и телекомуникациска опрема, а поседува и одобрение за вршење промет со оружје, муниција и делови за оружје издадено од Министерството за внатрешни работи.

Стајковиќ од февруари 2011 година веќе не е управител на фирмата „Финзи“, а како управител сега е запишан само академскиот сликар Крпач. Не се знае со што се занимава оваа компанија бидејќи до веб страницата www.finzi-mk.com пристап има само сопственикот.

Со оглед на тоа што Кипар е пример за држава со ниска даночна стапка на профит, има многу стимулативен даночен систем за отворање офшор-компании. Во оваа држава се плаќа данок на добивка во износ од 4,25 отсто, не постои девизна контрола, како ни двојно оданочување (дивидендите не се предмет на оданочување).

При проверките на кипарските офшор-компании, најтешко е да се стигне до нивното сопствеништво, па оттаму неизвесно е со што се занимава оваа компанија во САД, а и нејзините бизниси во Македонија, освен сопствеништвото на порталот „Нетпрес“.

На веб-порталот „Нетпрес“ се уште се впишани имињата на Лидија Станчевска како директор и Дејан Николовски како главен и одговорен уредник. На Николовски на 19 јануари 2014 година му испративме смс-пораки со барање да ни објасни дали и кога медиумот е продаден и кое е името на новиот газда, а на тоа добивме одговор: „името му е онака како што го крстил кумот“.

ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ ЧИТАЈТЕ „КУРИР Е ЕДЕН И ЕДИНСТВЕН, АМА КУРИРИТЕ СЕ ПОБАЈАГИ“ И „МИСТИЧНА ШВАЈЦАРСКА ФИРМА ВО ШЕМАТА НА ТЕЛЕГРАФ MK“.

Ова истражување е заеднички труд на новинари од редакциите на НОВА и ФОКУС. Автори се Сашка Цветковска, Мери Јордановска и Владо Апостолов. Истражувањето е поддржано од Европската унија во рамки на проектот „Медиумска обсерваторија на Југоисточна Европа“. Ова е прв дел од истражувањето на сопственоста на интернет медиумите во Македонија во рамки на кои во наредните денови ќе биде објавена и интернет база на медиумската сопстеност.

Извор : Фокус