Битолски професори до учениците: Вие само бојкотирајте, ние ќе ве дружиме

0
1440

Како одминува времето и како кризата добива пошироки размери, инволвирањето и злоупотребата на средношколците во актуелните политички настани станува сѐ поголемо. Обидот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ да се огради од влијанието врз учениците за нивно вклучување во протестите, станува провиден.

Во кој правец ќе се движат работите стана јасно откако на објект кој се наоѓа во кругот на прилепската Гимназија беше залепено фалсификувано двојазично свидетелство на име Зоран Заев. Тоа се случи истиот ден кога во Прилеп се одржа првиот протест на иницијативата „За заедничка Македонија“, за да само неколку часови подоцна учениците од попладневната смена бидат ослободени од настава во 16.30 часот, или половина час пред почетокот на протестот. Во следните денови нешто слично се случуваше и во неколку други прилепски училишта.

Уште поизразени се притисоците кои се вршат врз учениците од битолските средни училишта. И додека одредени експоненти на владејачката партија на суптилен начин ги мотивираат и охрабруваат средношколците да ја бојкотираат наставата заради наводното воведување двојазичност, други тоа го прават јавно, воопшто и не криејќи се. Една од нив е и советничката на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Битола Елена Трајчевска. Бојкотирањето на наставата од страна неколку ученици на СОУ „Таки Даскало“, Трајчевска на својот фб профил го коментираше со зборовите „Браво деца македонски…“.

svidetelstvo-propagandno

Најдиректната злоупотреба на учениците ја регистриравме во битолското Техничко училиште, односно во СОТУ „Ѓорѓи Наумов“. Во фејсбук конверзацијата на ученици од Техничкото училиште кои се договараат следниот ден да ја бојкотираат наставата, се вклучуваат и двајца вработени во училиштето. Едниот од нив, професорот Александар Велјановски, на учениците им вели дека тие секогаш биле со нив и дека нормално било да бидат и сега, при што „тагнува“, односно означува уште петмина други колеги. Вториот вработен, компјутерскиот администратор Петар Дуковски, пак, на учениците им порачува дека тој ќе ги дружел за време на бојкотот и дека ќе играл фудбал со нив. Истовремено, Дуковски им порачува на „означените“ колеги да не се кријат.

Она што е интересно, е дека веќе следниот ден оваа конверзација беше повлечена од фејсбук групата. И не само тоа, туку професорот Велјановски објави нов статус со кој, како ништо претходно да не се случило, на учениците кои се членови на групата им порачува:

„Деца групата е наменета за соработка помеѓу вас и професорите…и промовирање активности за добробит на сите. И ќе ве молам да не се истакнуваат пропагандни пораки и поддршки во групата“.

bt3 bt4

Опозициската СДСМ вчера реагираше на зачестените злоупотреби на децата и учениците за лични, партиски и криминални агенди.

“Недозволиво е да се повикуваат ученици да бојкотираат настава за да бидат дел од протести на кои се поттикнува и шири етничка и национална омраза. Тоа е кривично дело. Затоа им порачуваме на раководствата на училиштата да ги заштитат учениците. Да не дозволат никој да манипулира и да ги злоупотребува за партиски цели“, рече претседателот на Комисијата за образование на СДСМ Петар Атанасов.

Со соопштение се огласи и Средношколскиот пленум – Битола. Оттаму остро ги критикуваа тенденциите за формирање средношколски организации кои ќе се залагаат за „унитарноста“ на Република Македонија, потенцирајќи дека борбата на Средношколскиот пленум е заедничка и таа не познава било какви поделби помеѓу средношколците.

Зоран Милошески

Извор: СЛОБОДНА