Бизнис мрежата околу Коста Крпач е обвиена со офшор-мистерии поврзани со моќни структури во ВМРО-ДПМНЕ!

0
1152

Фирмата „Финзи“, чиј директор Коста Крпач минатата среда беше најден мртов во неговиот стан во скопски Центар, на директен или на индиректен начин е поврзана со три компании, кои во јавноста не се експонирани, а сепак станува збор за моќни фирми со огромни приходи, пишува БИРН.

Станува збор за фирмите „Ексико“, НВСП и за агенцијата за обезбедување „Секјурити груп сервисес“ или скратено СГС. Токму поврзаноста на „Финзи“ со овие компании, е можен мотив за интересот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), особено зашто фирмите СГС и НВСП се спомнуваа во т.н. бомби на опозицијата.

Првата беше спомната како фирма зад која се крие поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, а втората, како фирма на која наводно треба да легне провизијата од израелската донација наменета за опрема на полициските специјалци.

Поврзаноста меѓу „Финзи“ и фирмата НВСП, пак, е преку лицето Владислав Стајковиќ, кој исто така беше аболиран од претседателот Ѓорге Иванов, иако неизвесно е дали и каква предистражна или истражна постапка се водела против него.

БИРН успеа да го добие телефонски поранешниот директор на „Финзи“, Стајковиќ. Кога го прашавме дали знае зошто Иванов го аболирал и какви биле неговите бизнис релации со Крпач, тој кратко одговори:

„Јас не сум човек што шпекулира, па оттаму не можам да шпекулирам зошто сум аболиран. Не е во ред сега да зборувам за Крпач, да го оставиме човекот да почива во мир, не е христијански сега да зборувам за тоа“.

На прашањето дали ќе бара претседателот да ја повлече одлуката за негова аболиција, Стајковиќ рече:

„Тоа е моја работа“.

Стајковиќ, според документите од Централниот регистар, бил директор на „Финзи“ до 2011, кога на таа позиција доаѓа сега покојниот Коста Крпач. Стајковиќ е газда на НВСП и директор на „Мобико“, фирма каде што сопственик е Жарко Луковски, главен оперативен директор на Македонски Телеком, кој е во кумски врски со Сашо Мијалков и кој исто така беше аболиран од страна на Иванов.

Повеќе од текстот на БИРН на следниот линк ОВДЕ.