Белешки за популизмот: Десет причини да се продолжи со протестите

0
906

saso-ordanovski-540x329

Пишува: Сашо Орданоски

Кога еден ден ќе се пишува историјата на демократска Македонија, 2015 г. ќе остане забележана како година во која илјадници македонски граѓани излегоа на улиците на најголемите градови во државата за, со денови и со месеци протестирајќи низ главните улици и пред државните институции, да изразат незадоволство заради начинот на кој актуелната власт на Никола Груевски и Али Ахмети ја узурпираат демократијата во Македонија во сите нејзини клучни димензии: од трошењето на јавните пари, до трошењето на јавниот морал. Протестите гласно се побунија и против долгогодишното „перење на мозоците“ на јавноста низ државната пропаганда пласирана преку главните македонски електронски и печатени медиуми, тие корумпирани сојузници на режимот.

По завршувањето на летото и по канализирањето на политичката криза во Македонија, како резултат на Договорот од Пржино, назад кон институциите, некои пријатели и познаници се прашуваат има ли смисла да се продолжи со граѓански протести, кога вонредните избори се веќе закажани за претстојниот месец април.

Сакам да понудам десет тези, кои сигурно не ја исцрпуваат листата на аргументи, заради кои сметам дека со граѓанските протести треба да се продолжи. Македонската демократија е далеку од заздравување, а нејзините узурпатори и непријатели „никогаш не спијат“! Тоа не можат да си го дозволат ни граѓаните на оваа земја, оти во општество со разнебитени институции и најмала демократска дремка може да заврши со ноќна мора.

  1. Граѓанските протести на продуктивен начин го политизираат општеството.Со самото тоа повеќе луѓе излегуваат на избори. Во принцип, зголемениот гласачки одзив за време на кризи – а Македонија, без сомневање, поминува низ една од најтешките политички, па и национални кризи – претставува референдум на граѓаните за минатото владеење, а не за програмските понуди на изборните конкуренти за она што ќе го прават во иднина. Тоа е она што на Македонија сега и е потребно: граѓаните да излезат на избори и со својот глас да се изјаснат за досегашното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, под раководството на Груевски и Ахмети.
  1. Граѓанските протести ја засилуваат демократијата со слабеењето на партизираните и корумпирани државни институции. Тие не бараат револуционерни решенија или уништување на институциите, туку реформи кои државата и власта ќе ги направи одговорни – пред судот и пред јавноста – за своите постапки и политики. Тие бараат фер и демократски избори на кои ќе одлучи волјата на гласачите, но фер и демократски не само на изборниот ден, туку за време на целото владеење на избраните елити. Протестите се за поддршка на демократијата – тоа е нивната идеологија.
  1. Граѓанските протести се сигнал дека се бара политичка одговорност од оние кои нѐ владеат, но и се манифестира подготвеност за преземање на таа одговорност врз себе со самото излегување на протести. Постојат ставови дека модерните граѓански протести не се, всушност, насочени кон која било власт поединечно, туку против владеењето како такво, но дури тоа и да е така, во конкретните ситуации протестите се секогаш насочени против актуелната власт. Во нашиот случај, промената на власта која се бара низ протестите е опомена и за оние кои ќе дојдат на местото на сегашната власт дека не се протестира (само) за да се смени власта, туку за да се смени неодговорната и корумпирана политика на која било власт во иднина.
  1. Граѓанските протести го де-фрагментираат, повторно го обединуваат општеството.Граѓаните, тие индивидуалци задлабочени во своите мобилни телефони и фејсбук интереси, во тој технолошко-комуникациски занес во кој се заборава и на семејството, а не пак на пошироката општествена заедница, преку протестирањето, преку тој групен социјален собир, си помагаат и себеси и на другите за обновување на општествениот договор за тоа како ќе се владее, како ќе се живее. Всушност, не е претерано да се тврди дека протестите донекаде ѝ ја враќаат и смислата на претставничката демократија – демократски модел кој глобално е во длабока криза во последниве две-три децении – бидејќи обединуваат некаков основен минимум од раситнетите идентитети на модерните граѓани, минимум кој дава основа за групно политичко претставување. 
  1. Граѓанските протести кои се ненасилни ја парализираат моќта за насилство што ја поседува автократскиот државен апарат. Секоја полиција во светот се обучува за да се справи со или да спроведе насилство врз граѓаните – кога протестите се ненасилни, репресивниот режим во голема мера е парализиран. Она што на власта ѝ преостанува е клеветничката, валкана пропаганда. 
  1. Граѓанските протести го демистификуваат и го демонтираат партиско-државниот пропаганден апарат. Модерните автократски режими не владеат со гола употреба на сила, туку, од една страна, со примена на жестока пропаганда кон населението и, од друга, со кооптирање или изолација (па дури и прогон и изгон, и други видови на малтретирање) на бизнис, академската, другата невладина и интелектуална заедница во државата. Автократите владеат со гледачи, не со гласачи. Ваквата „диктатура во ракавици“ има за задача да го убеди мнозинството во државата дека, иако можеби не е совршена, дека можеби е малку и корумпирана или малку и насилна, но оваа власт е најдобрата во споредба со сѐ друго што може да ја снајде Македонија. Протестите силно ја разголуваат оваа пропагандистичка позиција, бидејќи го будат поширокиот интерес на јавноста за вистинските состојби во општеството и ја демистифицираат власта во суштинските области од нејзиното владеење – како се трошат јавните пари, како се делат привилегиите, како се извртува вистината…
  1. Граѓанските протести спречуваат политичка радикализација. Тие ја исцрпуваат строго партиската мобилизациска моќ и даваат можност за артикулирање на врамнотежени, мејнстрим политички вредности кои се, во принцип, спротивни на екстремистичките национални, етнички, религиски или други тесногради агенди. Протестите, всушност, ја одиграа улогата на етнички и религиски обединител во Македонија како ниедна партија, движење или странска иницијатива досега. Тие покажаа дека граѓанска Македонија е можна и дека тоа е реална политичка опција за иднината на државата.
  1. На граѓанските протести, на тоа движење без хиерархија, не му требаат лидери – тие ги прозиваат лидерите во политичката заедница да се определат во однос на протестните барања. Граѓаните не сакаат да ги заменат политичарите, туку да влијаат врз нивното (не)одговорно однесување. Таа граѓанска прозивка ја создаде определбата на СДСМ за осојузување со граѓанскиот отпор и ветувањата на Заев дека протестните барања ќе бидат дел од неговата платформа за владеење со Македонија; граѓанскиот протест ја произведе и решеноста на ВМРО-ДПМНЕ барањата од протестите да ги порази со пропаганда, контра-протести и предвремени политички избори и инстистирањето на Груевски дека демонстрантите немаат автономни барања, туку дека се инструментализирани од СДСМ. Власта, а можеби и некои во опозицијата, не разбираат дека учесниците во граѓанските протести негуваат примарна лојалност кон барањето за одговорност, а не кон одредени политички личности или партии. 
  1. Граѓанските протести го негуваат општиот дух на активизам, креативност, соработка и солидарност, неопходни за секоја успешна демократија. Факт е дека на протестите се сретнаа луѓе кои не се виделе со години. Факт е дека на нив учествуваа и бројни политички неистомисленици и различни генерации, сплотени околу потребата, како индивидуалци, заедно да ја отфрлат политичката злоупотреба на власта. Од друга страна, содржината и формата на низа пораки, банери, плакати и слогани од протестите беа најдуховитото, најлуцидното нешто што оваа нација го произвела во политичкиот живот на Македонија од стекнувањето на нејзината самостојност во 1945 г. до денес. Диктатурите, во принцип, паѓаат прво како резултат на остроумноста и слободата на духот и мислата.
  1. Конечно, оние што решиле да излезат на граѓанските протести го прават тоа за да не направат нешто друго – да си заминат од Македонија, привремено или засекогаш. И да им се придружат на стотиците илјадници други, роднини, пријатели, познати и непознати, кои во последните дваесетина години си заминаа од Македонија, засекогаш да се надеваат дека привремено ја напуштиле татковината. Бројот на луѓето кои можат да придонесат во обновувањето на демократијата во Македонија е изброен, не е бесконечен. Сегашниот режим ја знае таа математика.

(Овој текст е инспириран од најновата книга на Иван Крастев „Вознемирена демократија – Глобалната политика на протестирање“ – “Democracy Disrupted – The Global Politics of Protest”, University of Pennsylvania Press, 2014 – за која се надевам дека наскоро ќе се појави и на македонски јазик.)


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).