Баџанакот на Мијалков и адвокатот на Јанкулоска утврдуваат зошто судовите „благо“ казнуваат

0
1078

Комисијата за воедначување на казнената политика, во извештај достваен до Собранието на Република Македонија, известува дека се конституирала во последните месеци од 2015 година, делумно се опремила со помош на Американската амбасада во Скопје, иако формално Министерството за правда требало да обезбеди простории, и по добивањето на стручна служба ќе почне да ги анализира правосилните судски пресуди, за да види зошто судовите одмерувале ниски казни, под законскиот минимум, пишува порталот Сведок.

Членови на Комисијата, која како што наведува сама, нема да ги зема на одговорност судиите, туку само ќе констатира и ќе укажува, ја сочинуваат Јавниот обвинител за гонење на организиран криминал и корупција Јован Илиевски, баџанак на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, неговата кума Татјана Дуковска, судија на Апелациониот суд во Скопје, нејзината колешка судијката Гордана Сајковска, која од крајот на 2015 побара да не суди веќе кривични туку прекршочни предмети, обвинителот од Републичкото јавно обвинителство Неџат Елези, поранешниот антикорупционер Ѓорѓи Сламков, Арта Биљали Зендели и Љубчо Наумовски, адвокат од Охрид кој се јави и како адвокат на екс министерката Гордана Јанкулоска.

-Носењето на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, а со тоа и неговата цел, е резултат на повеќе анализи и истражувања во сферата на казнената политика, кои покажаа сериозни аномалии и недоследности во одмерувањето и изрекувањето на казните од страна на судовите: постои голема нееднаквост на изречените казни во зависност од тоа каде се одвива судската постапка, досудената просечна казна во предметите се наоѓа многу под долната граница на опсегот (интервалот) на предвидената казна пропишана со закон, опсегот на казни кој што бил применет од страна на судиите е многу понизок од највисоката казна пропишана со закон, што укажува дека судиите воопшто не ја користат горната граница на казните што им ја овозможува законот- пишува во Извештајот, потпишан од Претседтелот на Комисијата Јован Илиевски.

Ваквите заклучоци, според Комисијата за воедначување на казнената политика, укажале на постоење на атмосфера за нееднаквост на граѓаните пред законот, односно казната за нив не зависела приоритетно од законот, туку повеќе и во голема мера зависела од тоа каде го сториле делото и кој суд судел, односно невоедначеност во казнувањето на различните апелациони подрачја.

-Ова ја наметна потребата целиот процес на пресудувањето да стане далеку пообјективен и потранспарентен од досегашниот со што ќе се намали волунтаризмот, непринципиелното и тенденциозно пресудување, па дури и можноста за коруптивно однесување на учесниците во кривичната постапка. Токму поради тоа Законот се темели на начелата на законитост, индивидуализација на казната, пропорционалност на казната со стореното кривично дело, ефикасност, воедначување на казнената политика и транспарентност- пишува во Комисискиот извештај доставен до Собранието.

Со донесувањето на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната треба да се постигне поконзистентна казнена политика при изрекувањето на казните од страна на судовите, со оглед дека целта на Законот е воедначување на казнената политика при изрекувањето на казните од судовите во Република Македонија преку пропишување објективни критериуми за одредување на видот и одмерување на висината на казната. Ова значи постигнување на една таканаречена „разумна униформност“ во казнувањето која ќе се состои во „стеснување“ на широкиот диспаритет на казните изречени за слични кривични дела извршени од страна на слични сторители, се дополнува во „отчетот“ до Собранието.

Комисијата, според законот има надлежност да ја следи и анализира казнената политика на судовите во Република Македонија, како и пресудите донесени врз основа на спогодба меѓу јавниот обвинител и обвинетиот, предлага мерки за обезбедување на сигурност и правичност во исполнувањето на целите на казнувањето, заради избегнување на неоправдан диспаритет меѓу сторителите на кривични дела со слични карактеристики осудени за исти или слични кривични дела со почитување на диспозицијата на судот при оцената на отежнувачките и олеснувачките околности, доставува предлози до Министерството за правда на Република Македонија за изменување и дополнување на Кривичниот законик и на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, доставува известувања до Судскиот совет на Република Македонија, Советот на јавни обвинители, до Врховниот суд на Република Македонија и Јавниот обвинител на Република Македонија за примената на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната по судови и дава предлози и укажувања за начинот на воедначување на казнената политика по судови.

-Комисијата се обрати до основните и до апелационите судови со барање да и бидат доставени сите правосилни пресуди од отпочнувањето на примената на Законот за одредување на видот на одмерување на висината на казната, и тие пресуди ќе бидат предмет на анализа на наредните седници на Комисијата во текот на 2016 година, по што ќе следуваат и првичните согледувања и заклучоци за начинот на примената на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната по судови и ќе бидат дадени предлози и укажувања за начинот на воедначување на казнената политика- пишува во извештајот.

Согласно одредбите од Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната и заклучокот на Комисијата за воедначување на казнената политика судовите во Република Македонија ќе имаат обврска до Комисијата континуирано да ги доставуваат правосилните пресуди со потребните прилози, односно пополнетите Работни листови.

Извор: Сведок