АФЕРА „МЛЕКАРА“: Како кумашините на Јанкуловска создадоа една од најголемите млекарници во земјава?

0
2547

Трговското друштво „Хемипром“ од Свети Николе е во сопственост на семејството Николови, кои се во кумска врска со Гордана Јанкулоска, член на највисоките партиски тела на ВМРО-ДПМНЕ. Според официјални податоци, „Млекара Николови“ од 2014 година добила неколку тендери од Општина Свети Николе, а во истиот период откупила и атрактивно градежно земјиште на самиот плоштад во градот за да гради деловен простор и спортско-рекреативен објект. Компанијата работи со горе-долу идентична добивка секоја година, меѓутоа во последниот период значително ги зголемила приходите

млекара.PNG

ПРОПАСТА НА ЕДНА И ВЛЕЗ НА ДРУГА КОМПАНИЈА

По доаѓањето на власт на актуелната владејачка гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година, многумина оптимистички веруваа дека проблемите со млекопроизводството се минато, бидејќи новоформираната странска компанија „Сведмилк“ обезбедуваше пласман за целокупната понудувачка на млеко од пелагонискиот регион, па и пошироко.

Арно ама, оваа бајка наскоро се претвори во еден од најцрните кошмари за македонските сточари. Имено, млекарницата пропадна, без да ги подмири долговите кон сточарите за откупеното млеко, а нејзините челници заработија кривични пријави, меѓутоа не одговараа за тоа што криминално профитираа на грбот на сточарите, од проста причина што избегаа од државата без никој да ги спречи.

ПРОМЕНИ ВО СОПСТВЕНИШТВОТО

Дека станува збор за плоден и исплатлив бизнис не укажуваат само крупните странски вложувања, кои во спротивно никогаш не би се реализирале, туку и некои престројувања во овој сектор од, условно кажано, домашни играчи. Во таа смисла, една од најуспешните млекарници во земјава – „Здравје Радово“, претрпе многу промени во сопственичката структура, при што во неа влегоа бизнисмени кои важат за блиски до власта.

Конкретно, на почетокот на 2015 година во сопствеништвото на „Здравје Радово“, покрај Зоран Гудев и Јован Дабевски, влегоа бизнисмените Орце Камчев и Цветан Панделески, како и Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“. Меѓу акционерите што поседуваат повеќе од 5 отсто од вкупниот број акции во ЗК „Пелагонија“ се „Орка Холдинг“, која ја поседува семејството Камчеви, потоа Панделески, како и фамозната офшор компанија „Ексико“.

Кон крајот на 2015 година, ЗК „Пелагонија“ излезе од сопствеништвото на компанијата, а во исто време во компанијата влезе рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Како што е познато, тој на изборите во 2014 година изрази јавна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, а во едно телевизиско интервју неодамна јавно изјави дека има соработка со Камчев и не криеше дека се познава со Мијалков.

Сепак, и тој во 2017 година се повлече од млекарницата, така што единствен сопственик остана градежната компанија „Бетон – Штип“, која претходната 2016 година стекна половина од уделите во компанијата. Во редот на акционери и на оваа компанија повторно се наоѓаат „Орка Холдинг“ на Камчеви и офшор-компанијата „Ексико“, кои се заеднички именител на сите промени на сопствеништвото на една од најсилните и најголеми млекарници во државава.

ДИРЕКТЕН ЛИНК СО ВИСОКАТА ПОЛИТИКА

Во групата на успешни млекарници се вбројува и „Млекара Николови“ од Свети Николе, која од година во година сѐ повеќе го прошируваше и надградуваше бизнисот, така што денес откупува 90 отсто од млекото од регионот. Оваа компанија никогаш не привлекувала негативен публицитет, туку напротив – кога медиумите неодамна ја објавија веста за пожарот што изби и ја пеплоса млекарницата, дел од нив ја опишаа како една од најдобрите млекарници во земјава, ако не и најдобра.

Доколку се погледнат финансиските извештаи што трговското друштво ги доставувало до Централниот регистар, компанијата драстично ги зголемила приходите во последниот период, меѓутоа нејзината добивка од година во година не варира премногу ни во нагорна, ни во надолна линија. Истовремено, неспорен факт е дека друштвото влегло во значителни инвестициски зафати, што се гледа од тоа што, покрај тековните средства, пред се готовина, ги зголемила нетековните или таканаречените обртни средства.

Всушност, „Млекара Николови“ функционира во рамките на компанијата „Хемипром“, формирана во далечната 1996 година. Тековната состојба на друштвото покажува дека нејзини сопственици се Дане Николов и неговиот син Игор Николов, кој истовремено е и управител на друштвото за преработка на млеко и производство на сирења, како и управител на подружницата за трговија на големо со хемиски производи. Неговиот брат, Мартин Николов, пак, се јавува како управител на втората подружница со назив „Млекара Николови“.

Она што е интересно, кумови на семејството Николови се ексминистерката за внатрешни работи  Гордана Јанкулоска, како и нејзиниот сопруг Влатко Илиевски. Колку за потсетување, набргу откако Јанкулоска си даде оставка од министерската функција, Илиевски беше избран за прв човек на Инспекцискиот совет на Република Македонија.

ТЕНДЕРИ ЗА ПРЕХРАНБЕНИ ПРОДУКТИ

Во последните неколку години, оваа компанија почнува да се натпреварува за дел од тендерите, и тоа стриктно на локално ниво. Така, според Бирото за јавни набавки, „Млекара Николови“ во 2014 и 2015 година склучила неколку договори со Општината Свети Николе за исхрана на ученици во основните училишта и Детската градинка „Рахилка Гонева“ во вкупна вредност од над 45.000 евра. Исто така, „Хемипром“ во овој период склучил и неколку договори со светиниколската детска градинка за набавка на прехранбени продукти во вкупна вредност од над 38.000 евра.

Кога ќе се соберат сите договори за јавни набавки на компанијата се доаѓа до сума од 83.000 евра, колку што инкасирала или треба да инкасира по основ на склучени договори за јавна набавка. Во тој контекст, компанијата во овие години остварува просечен приход од околу над еден милион евра, што значи дека уделот на јавните средства е минимален во приходната страна. На крајот на споменатите две години, пак, добивката изнесувала по околу 70.000 евра.

Гледано неколку години наназад, се забележува драстичен пораст кај приходите на компанијата. Па, ако во 2011 година тие изнесувале околу 423.000 евра, тогаш во 2013 година достигнуваат 686.500 евра, за во 2015 година да стасаат до ниво од 1.325.500 евра, што е трикратно зголемување за период од неколку години. Истовремено, растат и трошоците на фирмата, па добивката не го следи овој раст ни во позитива ни во негатива.

Овде треба да се наведе дека во истиот период компанијата влегува во инвестициски циклус, што јасно се гледа од порастот на нетековните, односно фиксните средства. Доколку во 2010 година овие средства изнесувале само 100.000 евра, во 2015 достигнуваат 631.500 евра, што значи дека компанијата инвестирала во земјиште, опрема и машини, возила и другошто, за разлика од тековните средства, дава финансиски резултат на подолг рок.

АТРАКТИВЕН ИМОТ ВО ЦЕНТАРОТ НА ГРАДОТ

Кога станува збор за вложувањата на компанијата, „Хемипром“ пред 2 години откупи две парцели во строгиот центар на градот, на самиот плоштад во Свети Николе. За таа цел, Советот на општината донел одлука за измена на Деталниот урбанистички план, со цел трансформација на земјиштето во градежно земјиште, со обврска купувачот да инвестира во деловен простор, но и во спортско-рекреативен објект, како на пример, спортска сала, тениско игралиште, базен и сл.

Според податоците од Катастарот на недвижности, „Хемипром“ поседува два дела од катастарската парцела 10925, со намена – градежно неизградено земјиште, во вкупна површина од 5.470 квадратни метри. Од компанијата добивме информација дека го откупиле земјиштето на јавна аукција за 30 евра по квадратен метар, што значи дека целото земјиште го откупиле за 164.000 евра.

Дел од советниците од светиниколскиот совет велат дека објавиле јавен повик за продажба на двете парцели и донеле одлука за одредени повластувања за обврската на купувачот по основ на комуналии, бидејќи се предвидувало да се изгради базен, каков што недостига во градот. Меѓутоа, од компанијата категорично тврдат дека не добиле никакви привилегии и дека земјиштето го откупиле со обврска во рок од 4 години да изградат спортско-рекреативен објект, што по правило не значи базен, туку може да биде игралиште или сала.

Ротација
ЈАНКУЛОСКА ЗАМИНА ОД МВР ВО ВМРО, А НЕЈЗИНИОТ СОПРУГ ВО ИНСПЕКЦИСКИОТ СОВЕТ

Гордана Јанкулоска е една од најблиските соработнички на Никола Груевски, која ја извршуваше функцијата министер за внатрешни работи веднаш откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт во 2006 година, се до избивањето на аферата со прислушувањето во 2015 година, со образложение дека смета оти така ќе помогне во надминувањето на политичката криза.

По повлекувањето од јавната функција, Јанкулоска стана предмет на истраги на Специјалното јавно обвинителство, а нејзиниот сопруг Влатко Илиевски беше избран за прв човек на Инспекцискиот совет на РМ, кој беше формиран во 2013 година со цел координација на работата на инспекциските служби и реформите на инспекцискиот надзор во државата.

На тој начин, Јанкулоска замина од јавната сфера, додека Илиевски стана јавен функционер, бидејќи дотогаш тој беше советник во кабинетот на експремиерот Груевски, како и член на одборот директори на Македонската берза.